ПОЖАР МЕЃУ БОГДАНЦИ И ДОЈРАН, ЕКСПЛОДИРАЛЕ 4 ГРАНАТИ ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА Експлозиите ја отежнуваат работата на пожарникарите

176

Голем пожар избувна денеска помеѓу Богданци и Дојран, каде експлодираа најмалку четири гранати од Првата светска војна, изјави директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

– Денеска околу пладне изби голем пожар помеѓу Богданци и Дојран. Пожарот се наоѓа во атарот на селото Селемли но поминува преку линијата од фронтот од Првата светска војна, линија на којашто има многу заостанати минско експлозивни неексплодирани средства. Во текот на овие два часа колку што е пожарот активен слушнати се најмалку четири силни експлозии. Ваквите експлозии го усложнуваат гаснењето на пожарот бидејќи не е безбедно пожарникарите да се приближат до него – рече Ангелов, кој е на пат кон локацијата каде што се наоѓа пожарот.






Пожарот е изгаснат само на еден крак каде што било безбедно пожарникарите да пријдат, а останатиот опожарен дел се гаси со ер тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување коишто користат вода со посебна пена со поголем ефект.

– Двата ер трактори на ДЗС веќе се активни. Исфрлија по неколку тури вода. Ќе продолжат да дејствуваат сѐ додека пожарот целосно не го изгаснат. Пожарот се движи и кон грчка територија и според сегашните информации на едно место веќе е префрлен на грчка територија – информира Ангелов.

Директорот на ЦУК соопшти дека од тие причини преку системот 112 уште пред да се префрли пожарот на грчка територија тамошните служби се известени за да се подготват.

Пожарот, според информациите на МИА, е во планинскиот дел кон Грција.

 

Поврзани содржини