АКО УКРАИНА НАПРЕДУВА КОН ЕУ ЗАШТО Е ВО ВОЈНА, МОЖЕМЕ И НИЕ ОВДЕ ДА СЕ ИСПОТЕПАМЕ! Еди Рама со црн хумор го „закопа“ форумот во Блед
Бугарија лесно може да ја нападне Северна Македонија без сомнение. Хрватска лесно може да ја нападне Србија, Србија – Косово, а Босна може да се нападне самата себе – предложи албанскиот премиер.
Албанскиот премиер Еди Рама ги шокираше сите учесници, вклучително и новинарите, со својот смисол за хумор за време на Стратешкиот форум во Блед, Словенија. Зборувајќи за доминантната теза на Форумот дека, поради агресијата од страна на Русија, треба да се забрза евроинтеграцијата на Украина, ако треба и со политичка одлука, Рама рече дека, ако тоа помага, Балканските земји лесно можат да се нападнат меѓусебе!
– Гледајќи го конфликтот во Украина и нејзиниот забрзан пат кон ЕУ, се прашувам: Кој кого треба да напаѓа во овој панел за побрзо да влеземе во Европската Унија, како Украина? И си одговарам: Бугарија лесно може да ја нападне Северна Македонија без сомнение. Хрватска лесно може да ја нападне Србија, Србија – Косово, Босна може да се нападне сама себе. Ние, Албанија, можеме да бараме од Грците да нè нападнат и тие со задоволство ќе го направат тоа, Црна Гора може само да лежи на плажа. И така сите ќе бидеме подготвени да влеземе во ЕУ заедно со Украина – рече Рама.
На овие зборови што ги кажа албанскиот премиер, во салата на словенечкиот форум одекна експлозија од мешани реакции – мешавина од смеа, извици и збунетост.
На тоа Рама продолжи со иронијата:
– Мислам дека е подобро да се зборува за нормализација, во секој случај, бидејќи ризикуваме сите во просторијата да бидеме прогласени за ненормални.
Овие шеги на Рама беа дочекани со нервозни реакции, особено од медимите во Бугарија и во Хрватска, кои забележаа дека албанскиот премиер овие земји ги претставил како „агресори“.
„Рама ја спореди Бугарија со Русија, но не ја пропушти ниту Хрватска, дефинирајќи ги двете балкански земји како агресори“ – пишува известувачот на БГНЕЗ од Блед.
Шегите на Рама наидоа на сериозни реакции во неговата земја. Претседателот на опозициската албанска Демократска партија Сали Бериша изјави дека неговите изјави се „дрски и срамни“.
– Украинците со својата крв, херојство и жртви го потпишаа кандидатскиот статус на својата земја во ЕУ. Додека Еди Рама го воспостави во Албанија првиот и единствен нарко-државен режим во Европа, со кој ги принуди Албанците да ја напуштат Албанија повеќе отколку што заминаа Украинците од руските бомбардирања – вели Бериша.