ВО ДРЖАВНО ЗДРАВСТВО ЌЕ СЕ ВРАБОТУВААТ ПРИВАТНИ СПЕЦИЈАЛИЗАНТИ Меџити најави специјализации и на Медицинскиот во Тетово
Младиот кадар е иднината на здравствениот систем, во нив континуирано вложуваме со цел намалување на трендот на мигрирање на нашите едуцирани лекари во странство. Веќе е во тек процес за промена на правилникот за специјализации, согласно европските примери и практики, со цел надополнување на специјалистичкиот кадар согласно конкретните потреби на јавните здравствени установи, посочи министерот Меџити.
Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска одржа средба со деканите на медицинските факултети во Скопје, проф. д-р Соња Топузовска, во Штип, проф. д-р Милка Здравковска и претставник од деканатот на Медицинскиот факултет во Тетово, проф. д-р Невзат Елези. На состанокот, како што информира Министерството за здравство, се разговараше за објавените нови огласи за специјализации на овие факултети, каде е во тек рокот за доставување апликации.
Првпат оваа година специјализации се отворија и на Медицинскиот факултет во Тетово.
На средбата стана збор за предизвиците со кои се соочуваат специјализантите, како и за подобрување на условите за работа и едукација.
– Младиот кадар е иднината на здравствениот систем, во нив континуирано вложуваме со цел намалување на трендот на мигрирање на нашите едуцирани лекари во странство. Веќе е во тек процес за промена на правилникот за специјализации, согласно европските примери и практики, со цел надополнување на специјалистичкиот кадар согласно конкретните потреби на јавните здравствени установи – посочи министерот Меџити.
На средбата се разговараше и за можноста за околу 600 нови вработувања во областа на здравството кои се презентирани на седница на Влада, како и за можностите за вработување на приватните специјализанти.