СЕ БАРА ДАНЕЛА ПОД ДРВО И ПОД КАМЕН Бега ли градоначалничката на Скопје од прашањата на советниците?
„На Данела Арсовска ѝ е поважно да се шета по светот за свои лични интереси. Од нејзините патувањата Градот нема ништо, а нејзе ѝ се поважни од одговорите на прашањата за проблемите што ги мачат граѓаните“, велат градските советници.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска денеска пак не дојде на седницата за советнички прашања на Советот на Град Скопје. Претседателот на Советот Трајко Славески информираше дека пред самиот почеток на седницата од кабинетот на Арсовска стигнало известување дека градоначалничката нема да присуствува на седницата.
– Од кабинетот на Арсовска пред малку ме информираа дека градоначалничката нема да присуствува поради наводна некоординираност на датумот на одржување на седницата. Тоа не е точно, бидејќи уште на 14 или 15 јуни беше испратено известување дека на 29 јуни се закажува седница за советнички прашања – рече Славески.
Поради непочитување на Советот, советничката група на СДСМ беше првата што ја напушти седницата, а координаторката Љубица Јанчева посочи дека ова не е прв пат Арсовска да избега да одговори на советничките прашања.
– Арсовска продолжува со непочитување на Советот и граѓаните. Не е првпат да не дојде на седница и да не добиваме одговори. Ниту едно советничко прашање од минатата седница не е одговорено. Градоначалничката вели дека работела чесно, одговорно и принципиелно, па ја прашувам колку сте чесни, одговорни и принципиелни кога нè навредувате, не се појавувате и не одговарате на советнички прашања – рече координаторката на СДСМ Љубица Јанчева.
И Марија Андоновска, координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата, посочи дека досега немаат одговор на ниедно прашање коешто тие го поставуваат во името на скопјани и ја обвини Арсовска дека ѝ е поважно да шета некаде низ светот за свои лични интереси, за што исто ќе треба да даде одговор – што имаат скопјани од тоа?
– Одговори нема, поважно за Арсовска е да се шета по светот за свои лични интереси. Зошто патувањата од кои Градот нема ништо ѝ се поважни од одговори од прашањата за проблемите што ги мачат граѓаните? – рече Андоновска.
Седницата потоа беше прекината, откако по заминувањето на советниците од СДСМ, немаше кворум за работа.
Арсовска цел мандат ретко доаѓа на седници кога на дневен ред се советнички прашања. Кога ќе дојде, се кара со советниците и си заминува. Никаде ја нема ниту во јавноста, не одржува прес-конференции и брифинзи, ниту има настани на кои се поканети новинари. Последен настан на кој покани новинари беше прес-конференцијата за мостот „Беласица“ на 20 мај.