КРЕДИТ СВИС СО ДЕЦЕНИИ КРИЕЛА СМЕТКИ НА НАЦИСТИЧКИ ЗЛОСТОРНИЦИ! Се отвораат старите гревови на банката што се спасува од пропаѓање

Два извештаи објавени во вторникот покажуваат дека швајцарската банката држела отворени околу 100 сметки на нацисти, а некои биле активни дури до 2020 година. Еврејските организации долго време тврдат дека банката сè уште чува пари што нацистите ги ограбиле од еврејските жртви за време на Втората светска војна.

629

Швајцарската банка Кредит свис (Credit Suisse), чие спасување од банкрот изминативе недели е актуелно, криела сметки на озлогласени нацистички воени злосторници, некои дури и осудени во Нирнбершките процеси, покажуваат два доверливи извештаи објавени во вторникот од Комитетот за буџет на американскиот Сенат.

Двата доверливи извештаи фрлаат нова светлина врз врските меѓу нацистите и Кредит свис, откривајќи дека банката имала речиси 100 сметки поврзани со германски нацисти и членови на групи поврзани со нацистите во Аргентина.






До 2002 година банката не затворила сметка на поранешен нацистички командант, осуден за време на судењата во Нирнберг, покажаа извештаите, а до 2020 година во банката постоела активна сметка на функционер поврзан со нацистите во Аргентина.

Се чини дека Кредит свис водела сметки, од кои огромното мнозинство претходно не биле откриени, за најмалку 99 лица кои биле или високи нацистички функционери во Германија или членови на групи поврзани со нацистите во Аргентина. Седумдесет аргентински сметки со веродостојни врски со нацисти со седиште во Аргентина, беа отворени во Кредит свис по 1945 година, а најмалку 14 од тие сметки останаа отворени и во 21 век – некои дури и до 2020 година, се вели во соопштението за медиумите на американскиот сенатски Комитет.

Еврејските организации долго време тврдат дека банката со седиште во Цирих одиграла голема улога во поддршката на Третиот Рајх и на неговите највисоки функционери и дека сè уште чува пари што нацистите ги ограбиле од еврејските жртви за време на Втората светска војна.

Центарот Симон Визентал, еврејска група за човекови права, во 2020 година обелодени дека аргентински истражител во земјата открил список од 12.000 нацисти од времето на војната. Откриените записи, велат од Центарот, покажале дека многумина од тие луѓе имале една или повеќе банкарски сметки во Швајцарише кредитаншталт (Schweizerische Kreditanstalt), претходникот на сегашната Кредит свис (Credit Suisse). Преку соопштение Центарот Симон Визентал наведе дека работата на комитетот „го осветли мрачното и вознемирувачко минато кое остана надвор од историските записи“.

Поврзани содржини