ЌЕ ДОЧЕКА ЛИ 78-ГОДИШНИОТ ГЕВГЕЛИЧАНЕЦ ДА БИДЕ ПОМИЛУВАН? Ќе „пресудат“ неговото болно срце и претседателот Пендаровски

Му зедоа гевгелиските обвинители и судии „мерка“ на Боро Кусиников и си го истераа своето. Иако неговиот случај е крајно контроверзен, до судските инстанци тој веќе нема на што да се надева. А и тоа веќе не е важно, бидејќи сега стариот Боро се бори само да поживее подолго и по можност со своите најблиски.

29,460

Во декември 2021 година, под наслов „Хроника на едно судење со зла умисла“, Плусинфо ја објави првата сторија за 78-годишниот гевгеличанец Борис Кусиников. На 26 април таа година, тој беше осуден со правосилна пресуда К.бр. 67/21, на казна затвор од 7 години и 6 месеци, за кривичните дела Убиство во обид според член 123 од Кривичниот законик и Предизвикување општа опасност според член 288 од КЗ.

Да се потсетиме. Официјалната верзија за критичниот настан од 29 октомври 2020 година вели дека во канцеларијата на гевгелискиот извршител Данчо Диманчев, осудениот Кусиников со умисла се обидел да лиши од живот две лица – Перо Поп Костов и Дине Ајцев. На претходно договорениот состанок за регулирање на начинот и рокот на исплата на долг на обвинетиот Кусиников кон Поп Костов (посебна приказна е како настанал тој долг), осудениот прво станал од столицата, ја затворил внатрешната врата од канцеларијата и извадил огнено оружје, пиштол со непозната марка, во сиво-црна боја. Настанал метеж, имало ветување од страна на адвокатот Ајцев дека нема да го пријави настанот, имало и закана од обвинетиот Боро кон него, но факт е дека немало ни пукање, ни убиство, ни ранети. По метежот во канцеларијата на извршителот, Кусиников се упатил кон Вардар и го фрлил пиштолот во раката во близина на истоимениот гевгелиски мотел.






Тешка пресуда, уште потешка робија

Тоа е официјалната верзија, која и доведе до драконската пресуда. Како што веќе пишувавме, гевгелиските судии уверливо не докажаа дека Кусиников се обидел да убие две лица. Да повториме: никој, всушност, не бил ни убиен, ниту пак ранет, а од пиштолот не е испукаан ниту еден куршум. Според верзијата на Боро, тој само се заканил со пиштол плашливец, не и со вистинско оружје. Тоа што истрагата не го нашла оружјето со кое Кусиников наводно извршил убиство во обид и предизвикал општа опасност оди во прилог на неговата верзија. Имало нуркачи, а Вардар во лето не е Дунав. Како можело оружјето да не биде најдено? Општо земено, како што веќе пишувавме, целата истражна постапка се одвивала со многу пропусти.

Како и да е, гевгелиските обвинители и судии успеаја Боро Кусиников експресно да го пратат на робија во затворот „Идризово“ во Скопје. Шест месеци подоцна, во јуни 2022 година, за судбината на 78-годишниот старец пишувавме по втор пат. На почетокот на тоа лето, поточно од 9 мај до 8 јуни, Боро беше дома во Гевгелија, на едномесечен прекин на затворската казна, во обид да ја санира својата лоша општа здравствена состојба и да побара задолжителна консултација со кардиохирург, кој требаше да одлучи дали има потреба од хируршка интервенција.

Со таа намера, осуденикот, преку својот адвокат Ристо Џаков, тогаш побара продолжување на прекинот на казната. Но, не доби. Беше вратен во „Идризово“. Да робија…

Последната надеж

Еве, сега по трет пат се навраќаме на овој случај. Во меѓувреме, Кусиников побарал преиначување на судската пресуда без повторување на постапката, поради нови околности поврзани со неговата здравствена состојба. Но, на 29 ноември 2022 година, Основниот суд во Гевгелија го одбил ова барање, со образложение дека околностите поврзани со здравствената состојба на Боро Кусиников не биле нови, туку на судот му биле познати кога го осудил.

Безмилосната пресуда на Основниот суд во Гевгелија ја потпишала судијката Марица Аврамчева Зафирова. Со неа, барем што се однесува до судските инстанци, судбината на Боро Кусиников е запечатена. Му зедоа гевгелиските обвинители и судии „мерка“ и си го истераа своето.

Единствената надеж на Кусиников сега му е претседателот Стево Пендаровски. Уште во јуни 2022 година осудениот поднел молба за помилување, придружена со целокупната правна, како и со обемна здравствена документација. По редот на нештата, молбата е упатена до Министерството за правда, кое треба да го комплетира предметот, да даде свое мислење и потоа да го проследи до шефот на државата за понатамошно одлучување. Во принцип, целата процедура би требало да заврши за 3-4 месеци. Но, Боро пак нема среќа и неговата молба и натаму е заглавена во Министерството за правда.

Одделението за помилување и надомест на штета во Министерството за прада ја примило молбата на 30 јуни лани. Но, таа се уште не е проследена до Претседателот на Републиката. На 26 јануари годинава, адвокатот на Кусиников со писмена ургенција од Министерството побарал одговор на прашањето до каде е работата, а на 2 февраури добил одговор дека постапката е во тек и се прибира документација. Кога ќе заврши таа работа веројатно знае само раководителката на тоа одделение, Андријана Ѓоргевска.

Во секој случај, останува надежта на семејството Кусиникови,  кај кого е дијагностицирана девијантна појава на срцевиот мускул и на крвните садови, дека неговото слабо срце ќе издржи за конечно да го видат дома во Гевгелија. Неговата Голгота трае веќе трета година и ако со неа тој требаше да се отфити за онаа драма што ја предизвикал во канцеларијата на извршителот Диманчев, после која никој од оштетените не завршил ниту со гребнатинка, некој конечно треба да пресече и да каже – доста беше.

Дали тоа ќе биде претседателот Пендаровски?

ХРОНИКА НА ЕДНО СУДЕЊЕ СО ЗЛА УМИСЛА Како 78-годишниот Боро со плашливец се обиде да „убие“ две лица и сега е на долгогодишна робија

ПО СУРОВАТА ПРЕСУДА, УШТЕ ПОСУРОВА РОБИЈА ЗА БОРО КУСИНИКОВ Кој ќе биде одговорен ако неговото срце откаже во затворска ќелија?

 

Поврзани содржини