ВЛАДАТА ЈА ПРЕДЛОЖИ ХРВАТСКАТА ПРЕАМБУЛА Силјановска Давкова вели дека Устав не се менува како на берза
Ковачевски не си верува на себе или на заменик министерката за правда. Предлогот за хрватската Преамбула дојде од владата, но се разбира нашите министри и заменици читаат селективно и не знаат дека во правото интерпретацијата не може да биде механичка. Не може во набројаните малцинства да ги зацрните Македонците и да речите што и фали на Хрватска, изјави пратеничката Гордана Силјановска Давкова за „За или против“ на Алфа телевизија.
Таа истакна дека се чита Преамбулата како историска приказна, тоа е уставо-правната меморија.
– Хрватската историја е таму. Сите републики и сите народи кога се распадна Југославија се повикаа на правото на самоопределување до отцепување и тоа значи дека ако во рамките на федерацијата имаат такво право, значи дека може и самостојно да продолжат така и имаат право на сувереност. Првиот член и вториот член на хрватскиот Устав велат дека Хрватска е национална држава на хрватскиот народ и држава на малцинствата – изјави таа.
Таа додаде дека кога се вели национална држава не се вели дека државата сега се создава, се влече својот легитимитет, државно правен континуитет.
– Ние имавме слична работа во поблага форма. Во двата устави и македонскиот и хрватскиот има „и други“. Не може сите да се набројат туку треба да се гледа суштински што им се гарантира – истакна Силјановска Давкова.
Во однос на работните групи, таа потенцираше дека власта со тоа се труди да креира перцепција дека тргнала работата и дека уставните измени не се пишуваат туку така.
– Устав не се менува како на берза. Промена на Устав е сериозна работа и не се прави вака. Нелегитимно е и да се менува Устав во последна година од мандат. Потоа никој на избори не праша дека ќе се менува Устав – нагласи Силјановска Давкова.