ПОТРЕБНО Е РЕШЕНИЕ СПОРЕД НАЈВИСОКИТЕ ЕВРОПСКИ СТАНДАРДИ Пендаровски повика на јавна дебата за законот за игри на среќа

Претседателот апелира предложените измени да одат во регуларна процедура во законодавниот дом за да има време да се соочат сите ставови и да се изнајде решение според највисоките европски стандарди за организирање игри на среќа, кое ќе го штити националниот интерес и ќе претставува баланс меѓу засегнатите страни.

158

Претседателот Стево Пендаровски прими претставници на Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“.

На средбата, како што соопшти неговиот Кабинет, се разговарало за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, кој по предлог од Министерството за финансии со европско знаменце е доставен до Собранието на Република Северна Македонија.






Претставниците на Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ информирале за последиците од носењето на овие измени кои според нив ќе предизвикаат губење на работни места на вработените во овој сектор и ќе придонесат кон драматични финансиски импликации. Тие изразија негодување и за одлуката предложените измени да бидат со европско знаменце, што подразбира да се одвиваат со побрза динамика и скратена постапка, а посочија дека во предложените измени има серија одредби кои не се во согласност со Уставот.

– Изразивме загриженост што нема никакво издржано објаснување зошто е одлучено токму на овие законски измени да им се стави европско знаме, што никогаш претходно не било законодавна пракса, земајќи предвид дека измените предизвикуваат драматични финансиски импликации. Особено што во предложените измени има серија одредби кои се скандалозни и не се во согласност со Уставот. Наведовме дека согласно член 122 став 2 од Деловникот на Собранието, на 07 март 2023 се обративме со Барање за учество на наши претставници на евентуалната седница на Комисија за европски прашања, на која ќе би бил разгледуван Предлог на законот за изменување и дополнување на законот за игри на среќа и забавни игри – велат од „Сакам да работам“.

Оттаму додаваат дека го информиралае претседателот Пендаровски за крајно штетните последици кои неминовно следат доколку овие законски измени бидат усвоени од Собранието.

– Побаравме да разгледа дали според неговите критериуми постојат доволно услови согласно член 75 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија да го искористи правото да не го потпише указот за прогласување на Предлог на законот за изменување и дополнување на законот за игри на среќа и забавни игри и истиот да го врати на Собранието на повторно разгледување поради тоа што се работи за скандалозни и противуставни одредби – се наведува во соопштението од Здружението.

Претседателот Пендаровски ги сослушал аргументите на претставниците на Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ и порачал дека е неопходна општествена јавна дебата со вклучување на сите засегнати страни како би се дошло до одржливо законско решение. Претседателот апелира предложените измени да одат во регуларна процедура во законодавниот дом за да има време да се соочат сите ставови и да се најде решение според највисоките европски стандарди за организирање игри на среќа, кое ќе го штити националниот интерес и ќе претставува баланс меѓу засегнатите страни.

Поврзани содржини