ИЗГРАДЕНИ САМО 13,7 ОД 1.300 КИЛОМЕТРИ ПАТИШТА? Анализа вели дека остатокот се реконструкции и рехабилитации на постојни правци
Само експресниот пат Крупиште-Кочани долг 13,7 километри е нов во последните 5 години владеење на СДСМ, наместо 1.300 километри со кои Владата неодамна се пофали во свое видео, се вели во анализа на Радио Слободна Европа. Во текстот се вели дека повеќето од другите патишта спомнати во видеото се реконструкција или рехабилитација на веќе постоечки или започнати правци, регионални, магистрални и експресни патишта кои собрани заедно, без локалните патишта (за кои ЈП за патишта нема информации бидејќи тие се под локалната самоуправа) даваат 1.300.
Статијата пишува дека петте километри меѓу Петровец и Катланово на автопатот Пријателство се реконструира цели 2 години иако е дел од европскиот Коридор 10. Во списокот на Владата ставен и патот за Сончев град кој иако завршен во 2018 година, никогаш не бил пуштен во употреба поради административни пречки.
Изградивме 1300км нови патишта во последните 5 години. Градиме квалитетна инфраструктура која на долг рок ќе придонесе кон нашиот економски развој и ќе овозможи подобар живот за сите.
Градиме патишта кон нашата европска иднина.
Нема недостижна цел! pic.twitter.com/NVsMEmFWHY— Dimitar Kovachevski (@DKovachevski) January 22, 2023
Автопатот Кичево-Охрид долг 57 километри, не е наведен во листата на Владата, а како нови се наведени Демир Капија – Смоквица, Миладиновци – Свети Николе – Штип, но и двата беа почнати од претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, а завршени од актуелната на СДСМ, се посочува во анализата.
Граѓаните на социјалните мрежи си поигруваат со бројката 1.300 која одекна во етерот.
Реакции стигнаа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ:
„Само во имагинарниот свет на Ковачевски и СДС постојат изградени 1.300 километри нови патишта, додека реалноста е сосема поинаква. СДС и Ковачевски мислат дека граѓаните не возат низ Македонија и не знаат какви и по кои патишта се вози, па затоа свесно лажат со измислени изградени патишта“, реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.