ЗАПАЛИЛЕ ДЕТСКИ БИБЛИИ, БИЛЕ ПРОТЕСТАНТСКИ Безумие, зилотизам или нешто трето?
Библиите за млади, иако се од протестантски автор и се финансирани од протестантска мисија, се со благослов на Архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан. Содржината е проверена од Богословскиот факултет. Библиите се делат од страна на православни свештеници, во православни цркви после литургија. Библиите се подарок, кој сака може да земе, со сила никому не се натураат.
Лица кои се претставувале како верници на МПЦ-ОА, од Преспанско-пелагониската епархија, повикуваат на палење и палат Библии за деца, само затоа што биле напишани од автори кои не се православни, пренесува Религија.мк.
Иако Библиите се издадени и рецензирани од високо еминентни професори по Теологија од Богословскиот факултет и се со благослов на МПЦ-ОА, тие сметаат дека таквите книги треба да бидат јавно запалени.
Повикот преку Фејсбук го објавил извесен К.П., кој напишал: „Браќа и сестри, доколку му подарија ваква библија на вашето дете денес, најмалку што можете да направите за вашето дете , а и за вас, е да ја фрлите или запалите. Толку“.
На неговиот пост во коментарите е прикачено и видео во кое друг корисник на социјалната мрежа пали два примерока на оваа книга, а како наслов на видеото напишал: „Православие или смрт“.
Иако овој чин претставува класичен повик на ширње и спроведување на верска омраза, обвинителството засега не реагира. За конкретниот случај со палењето на Библиите, регираше отец Филип Иванов од Евангелската црква во Велес.
Тој објаснува дека Библиите за млади, иако се од протестантски автор и се финансирани од протестантска мисија, се со препорака т.е. благослов на Архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан. Содржината е проверена од Богословскиот факултет. Библиите се делат од страна на православни свештеници, во православни цркви после литургија. Библиите се подарок, кој сака може да земе, со сила никому не се натураат.
Донацијата од 225.000 вакви Библии била предадена во целост на МПЦ-ОА.
„Ова е тој неразумен зилотизам, односно нехристијанска ревност во христијанските конфесии, ревност што заслепена од омразата кон другиот е спремна на палење Библии, цркви, а не дај Боже и луѓе“, напиша отец Филип на Фејсбук.