СРЕЌНА НОВА ГОДИНА Да си посакаме здравје, мир и напредок

Редакцијата на Плусинфо на сите свои читатели, на сите деловни соработници и на сите колеги медиумски работници им ја честита Новата 2023 година!

196

Зад нас се три исклучително тешки години, исполнети со големи опасности, ризици и неспокој. Веројатно годинава што измина беше најтешката.

Преживеавме глобална пандемија каква што нашите генерации не паметат. Многу од нас заболеа од опаката болест ковид-19, за која велат дека остава и трајни последици врз здравјето на луѓето.






За жал, многу наши блиски и пријатели не успеаја да ја преживеат болеста. Во оваа вечер на надежи и оптимизам, да се потсетиме за миг на тие драги луѓе и да си ветиме дека нема да ги заборавиме.

Кога се понадевавме дека сме на пат да ја надминеме таа глобална загроза што ги погоди и националните економии, светот се соочи со нова криза – војната во Украина, на која сè уште не и се гледа крајот.

Руската агресија ја измести глобалната рамнотежа на силите градена со децении и предизвика глобална енергетска и економска криза, инфлаторен бран, економска стагнација и рецесија на повидок.

Ние, овде во Македонија, се соочивме со нови проблеми во односите со соседите, со внатрешна политичка нестабилност и со продлабочување на економската криза, за која зборуваме откако знаеме за себе.

И оваа година се залажувавме и научивме проблемите еуфемизирано да ги нарекуваме предизвици, во недостиг на храброст и решителност да се фатиме во костец со нив и да ги спроведеме неопходните реформи на многу полиња.

Нашиот најголем пораз е засилениот бран иселување на младите од Македонија. Многу наши чеда и пријатели оваа Нова година за прв пат ја слават на гурбет во туѓина. Ним да им посакаме подобар живот од тој што го имаа овде дома. Вечерва, макар за миг, да размислиме за тоа како да ги утешиме тие што и оваа ноќ ќе размислуваат како во 2023 година да побараат место под некое туѓо сонце. Да ги охрабриме да останат на родните огништа. Бидејќи поубаво и потопло од нашево македонско сонце сепак нема.

Да си посакаме мир во Украина, мир во Косово, мир насекаде во светот. Без мир, нема напредок и спокојство.

Да си посакаме добро здравје и многу радост во новата 2023 година, за која уште сега знаеме дека ќе биде тешка.

Да си посакаме храброст и лична среќа и да се потсетиме дека среќата секогаш ги следи храбрите.

Редакцијата на Плусинфо на сите свои читатели, на сите деловни соработници и на сите колеги медиумски работници им ја честита Новата 2023 година!

Поврзани содржини