„УБИЕЦОТ ИМА ИМЕ, БАРАМЕ ПРАВДА ЗА БЕХАР!“ Протестираа соученици на убиениото момче
Освен со девојката, полицијата за настанот направила службен разговор со уште едно малолетно машко лице од Тетово. Малолетничката била задржана во полициска станица, додека малолетникот бил ослободен.
Десетина ученици од средното стручно училиште „8 Септември” во Тетово денеска протестираа пред зградата во која се наоѓаат Основниот суд и Обвинителството, каде што денеска претпладне под строги мерки за безбедност беше донесена да даде исказ пред судија малолетната девојка осомничена за убиство на 16-годишно момче.
Учениците бараа да има правда за убиството на нивниот соученик, 16-годишниот Бехар од Ново Село, чие безживотно тело беше најдено на 22 декември во реката Пена кај месноста Бањиче.
На 23 декември СВР Тетово и Обвинителството објавија дека по првичниот увид осомничена е 17- годишна девојка која доби и притвор. Таа денеска беше донесена во Судот, но од таму не дадоа информација која е причината.
– Убиецот има име, бараме правда за Бехар – извикуваа учениците.
Шеснаесетгодишникот беше најден во реката Пена кај месноста Бањиче, а по увидот и наредба на Обвинител врз телото беше направена обдукција. Ден подоцна надлежните информираа дека седумнаесетгодишна девојка е осомничена за убиство со умисла на 16-годишното момче.
Освен со девојката, полицијата за настанот направила службен разговор со уште едно малолетно машко лице од Тетово.
– Малолетничката била задржана во полициска станица, додека малолетникот бил ослободен. По документирање на случајот од страна на судија во претходна постапка во Основен суд Тетово, на малолетничката ѝ била определена мерка притвор во траење од 30 дена и била спроведена во Казнено- поправната установа Затвор Скопје за издржување на мерката притвор, соопшти СВР Тетово на 23 декември.
Седумнаесетгодишната девојка е од тетовско Рогле.