Македонци или Северномакедонци?

Нашиве политиканти наводно реагираа кога Маркон нè нарече Северномакедонци? Чинам дека тој беше прв со апла користење на терминот. Доколку е вистина дека се реагирало, може само да се замисли како, и со какви очи ги гледале Французите? Им се чуделе на паметот бидејќи од (Северна) Македонија можат да испилат само Северномакедонци.

1,113

Нема никаква дилема дека ние, како граѓани на (измислена Северна) Македонија, можеме да биеме само Северномакедонци и ништо друго. Тоа е потврдена светска пракса, којашто никој не може да ја доведува во прашање. Од Франција – Французи, од Кина – Кинези, од Уругвај – Уругвајци, Од Кенија – Кенијци, од Австралија – Австралијци, од Канада – Канаѓани … Ги прошетавме сите континенти и никаде нема разлика. Дури и во една поделена Кореја, едните се Севернокорејци а другите Јужнокорејци, иако сите се исто – Корејци. Сепак, во овие две држави, националниот идентитет на луѓето формално не се доведува во прашање и тие остануваат – Корејци. Меѓутоа, името на државата се користи за да се разликуваат меѓу себе. Исто така беше и кога Германија беше поделена. Македонија не е поделена држава, и за неа важи праксата – името на државата го одредува народот. И, така доаѓаме до – Северномакедонци. На времето, во странство, сите бевме Југословени, иако дома бевме Македонци, Срби, Словенци …

Нашиов случај е релативно едноставен. Целта на прекрстувањето на државата беше токму промена на националниот идентитет на македонскиот народ, како клучен исчекор кон затворање на „Македонското прашање“. Ништо друго. Токму затоа, сакале ние или не, во иднина ќе бидеме Северномакедонци – за сите во светот. Во 1944 година, на АСНОМ, државата го доби името по вековниот македонски народ, а не по регионот во кој се наоѓа. И, за да се прекине папочната врвца со националниот идентитет на народот, со наша безумна согласност, државното име во Нивици е девалвирано во бесмислен географски поим. Затоа, сите манипулации дека, за светот, ќе сме си останеле Македонци, се обични лаги и приказни за мали деца. Тие, коишто веќе не нарекуваат Северномакедонци, се апсолутно во право, и само ја започнуваат неизбежната пракса.






А ние, ако не сакаме да не викаат Северномакедонци, другата опција е да не нарекуваат – Северџани. Не Македонци. Тој термин е секако бесмислен и апсурден ама, мора да се признае дека звечи, пардон – звучи, како нешто важно, меѓународно, светско …!? Можеби тоа ќе нè прави погорди отколку што сме? Можеби ќе почнеме да уживаме во сознанието дека сме новоизмислен народ, со такво име? Можеби ќе се чувствуваме како најсовремено антрополошко достигнување? Впрочем, само така ќе се заокружи генијалното дело на Тито: откако тој го измислил македонскиот народ, сега истиот станува нешто посовршено. Северџани, еееј!

Шегата настрана. Ако постоеше и Јужна Македонија, барем формално, сè ќе беше поинаку. Најмалку, нашиот национален срамотилак ќе се прикриваше, божем сме некаква поделена држава. Иако не сме, бидејќи таква нема ниту јужна, ниту источна, ниту западна Македонија. Токму со тој факт е запечатена нашата судбина: за светот, по автоматизам стануваме – Северномакедонци. Впрочем, и да бевме поделена држава, според искуството на двете Кореји, или Германии, ние повторно ќе можевме да бидеме само – Северномакедонци. Тоа го диктираат крајните намери на нашите западни „пријатели“, дури и „партнери“, за дефинитивно бришење на Македонците како народ.

Секој веќе мора да биде свесен дека нивната цел беше и останува непроменета – да се разнебитат Македонците. И да се тргне, еднаш за секогаш, тоа вековно балканско јаболко на раздорот. Зошто, инаку, би се прекрстувала државата? Триесет години не држеа во заложништво со цел да не присилат да се прекрстиме. Ако од (Северна) Македонија и понатаму доаѓаат Македонци, зошто се прекрсти државата? Чуму беа сите мајмунлаци на меѓународниот фактор, читај – САД? За да не понижат? Такво нешто не им треба. Зошто, инаку, ќе бевме присилени да се согласиме во Нивици дека Македонци има само во Грција, а не кај нас? За сега повторно да се појавиме? Да не правиме недоветни од самите себе. Или, зошто на Атина и се даде чист монопол на термините македонски/а/о? За да бидеме пишман аџии? За македонскиот јазик останаа некои недоречености, арно ама и тоа беше плански: на Софија и беше оставено да го докусури.

Во целата грозоморија низ која долго врвевме, можеме само да биеме „горди“ што 30-тина години не се предававме. Меѓутоа, непростлива и историска грешка е што ние воопшто и не се боревме за своите правдини. Тоа и не доведе до ова дереџе. Кога странците сфатија дека не бараме решение, дека ни одговара проблемот да биде под маса, замрзнат за долго време, тие насилно ја променија претходната власт. И, за да не прекрстат, донесоа капитуланти, коишто ги следат нивните инструкции. Наш клучен проблем беше што прашањето со името, сите претходни политичари го држеа на страна бидејќи беа свесни дека неговото решавање може само скапо да ги чини, без никаков ќар. Сите тие носат директна вина за нестореното. Еден од премиерите дури јавно кажа дека, за него, проблемот со името не е меѓу првите десет!? Всушност, тој цело време мораше да биде главен, што не значи и дека само со него мораа да се занимаваат. Во никој случај, не смееја да го игнорираат, како што постојано се правеше.

Смешни се „аргументите“ на политичарите, кога се повикуваат на Нивици, демек како доказ, дека ние сме си останале – Македонци. И, замислете, отворено не лажат дека цел свет треба да се придржува до овој за нас катастрофален договор. Абецеда во меѓународното право е дека билатералните договори, како Нивици, ги обврзуваат само двете страни, потписнички, и никој друг. И, не само тоа. Со тој договор, за нас разорен, зарем не се согласивме во земјава да избришеме сè што е македонско? Од македонска, МИА стана медиумска агенција, нема веќе МОБ, НБРМ, МНТ … Нема ништо со македонски предзнак. МАНУ некако се опира, ама ќе видиме до кога. И, како тоа, само ние ќе сме останеле Македонци, од сè друго македонско, што моравме да промениме, или избришеме? Во услови кога ниту нашето вино нема да може да биде македонско на странските пазари. Каква тешка и незамислива измама.

Нашиве политиканти наводно реагираа кога Маркон нè нарече Северномакедонци? Чинам дека тој беше прв со апла користење на терминот. Доколку е вистина дека се реагирало, може само да се замисли како, и со какви очи ги гледале Французите? Им се чуделе на паметот бидејќи од (Северна) Македонија можат да испилат само Северномакедонци.

Според „Вечер“, од 8/8/2022 година, и Ескобар, „главниот“ американски политичар за Балканот, не нарекол Северномакедонци. Немаше никаква информација дека некој и него го удрил по прсти. А дека е незамисливо Ескобар да направи грешка околу тоа, воопшто не треба да се објаснува. За да нема дилеми, тој само ни порача – кои сме и што сме. Кој разбра, разбра, а кој лаже е – измамник.

Имаше повеќе „инциденти“ со Северномакедонци, а последниот се случи токму во Скопје. На заедничката прес-конференција кога, претседателката на ЕК, Фон дер Лејен, во лице му го шлакна тоа на нашиот премиер. Ковачевски не реагираше, сигурно свесен дека нема простор за такво нешто, арно ама нешто и шепна на Лејен. Најверојатно молба, да не се повтори нашиот нов национален идентитет. За наша голема среќа, тогаш беше користен и „чист“ македонски јазик. Замислете уште и јазикот да ни беше избербатен?

Никој не треба да има никаква дилема дека за светот, по катаклизмата во Нивици, ние сме и остануваме – Северномакедонци. И ништо друго. Од тоа нема бегање. Со текот на времето, сите така ќе нè третираат. Сè додека не го вратиме поранешното име на државата. Ние сме на потег. Договорите со Бугарија и Грција мора што поскоро да се елиминираат или, за почеток, да се ревидираат (Нивици). Тоа е реалноста со која мораме да се соочиме.

Поврзани содржини