Повлечете го обвинението за „Трезор“ и спасете си го образот!

Апелационите судии им дадоа втора шанса на Обвинителството и на првостепениот Суд да се исперат за една пресуда донесена без докази и со големи процесни повреди. Таа е шанса и за сите тие што слепо веруваа во концептот што го заговараа апологетите на хибридниот режим на Зоран Заев, јавно искажувајќи спремност да се погазат сите принципи и сите човекови права, само за да се спроведе некаква нивна „револуционерна правда“, која не е ништо друго освен гола одмазда.

5,763

Апелациониот суд во Скопје ја укина пресудата на Кривичниот суд во Скопје за случајот „Трезор“. Стручната јавност очекуваше токму ваква одлука на апелационите судии. Одлука што треба да го охрабри првостепениот Суд да суди необременет од политички притисоци и од медиумската кампањата за озлогласување на обвинетите.

Како што е познато, во обвинението се тврди дека Сашо Мијалков, тогашен директор на УБК, Горан Грујевски – началник на Оддел за оперативна техника и Небојша Стајковиќ – помошник на министерот за Одделот за информатика и телекомуникации, биле во Велика Британија и таму договориле откуп на опрема за прислушување, која потоа била предмет на јавната набавка. Тие се обвинети дека влијаеле врз Ѓоко Поповски да ја реализира јавната набавка за купување на опремата од компанијата ГАММА. Конечно, обвинението тврди дека обвинетите помогнале фирмата „Финзи“ да се стекне со имотна корист која е штета по буџетот на Република Македонија.






Скандалозна првостепена пресуда без докази

За упатените, работите биле јасни уште на самиот почеток на овој процес, уште од септември 2016 година, кога тогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО) ги изрази првите сомнежи за одредени неправилности при оваа јавна набавка. Подоцна, во текот на судењето, ќе се покаже дека не постои ниту еден доказ дека Мијалков, Грујевски и Стајковиќ патувале во Велика Британија на средби со компанијата ГАМА. Нема доказ дека Мијалков влијаел врз Ѓоко Поповски, тогашниот помошник министер во МВР задолжен за јавните набавки, или врз кој било друг во процесот на спроведување на јавната набавка. Не постои никаков доказ или валидно вештачење дека фирмата „Финзи“ се стекнала со некаква противзаконска корист или имала екстра-профит од зделката склучена со МВР.

Па сепак, наспроти ова, јавајќи на бранот на јавните повици на Заевата медиумска булумента за „неказнивост“ и заборавајќи на принципите што налагаат сомнежите да се докажат и осудителните пресуди да се поткрепат со докази, првостепениот Суд донесе скандалозна пресуда, ги осуди обвинетите и им изрече драконски казни.

По завршните зборови лани во април, се понадевав дека Судот сепак ќе го отфрли обвинението. Бидејќи беше совршено јасно дека тоа не беше помрднато од мртва точка. Коментирајќи ги завршните зборови на Јавното обвинителство, одбраната беше категорична дека не може да постои кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластувањата, доколку Обвинителството нема доказ дека било која друга норма е прекршена. Злоупотребата, која им се става на товар на обвинетите, сама по себе, не значи ништо доколку таа не се доведе во контекст на прекршување на некој друг законски или подзаконски акт. Тоа во случајот не е сторено, што е спротивно на препораките на Европскиот суд за човекови права.

„Крунскиот сведок“ го растури обвинението

Стратегијата на Обвинителството – ако тоа воопшто може да се нарече стратегија! – очигледно беше да се импресионира Судот со спектакли и со „филмско“ испрашување на сведоците. Таа во почетокот беше задача на обвинителката Фатиме Фетаи. Се сеќаваме добро на нејзините спектакуларни настапи на театралните прес-конференции на СЈО.

Но, „крунски сведок“ на Јавното обвинителство, Ѓоко Поповски, во ниту еден момент не потврди дека имало било што незаконски во оваа постапка, или дека набавката била различна од која било друга. Во ниту еден момент тој не посведочи дека врз него било извршено влијание од страна на Сашо Мијалков, што беше една од основните претпоставки на кои се базираше обвинението. Поповски под заклетва изјави дека не го познавал ниту сопственикот, ниту фирмата „Финзи“ и дека за набавката постапувале комисии, како и во секој друг предмет. Заради доверливост, постапката е реализирана по членот 7 од Законот за јавни набавки, кој предвидува исклучок од постапката за распишување на јавен тендер.

Цела книга може да се напише за овој интересен судски случај, односно за овој несекојдневен обид една целосна имислица и конструкција да заврши со осудителна пресуда и со драконски казни. Само заради илустрација, во оваа куса анализа ќе истакнам уште два детаља.

Филмчето „Директор на службен пат“

Првиот детаљ се однесува на тврдењето дека постоел некаков службен пат на обвинетите Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Небојша Стајковиќ во Велика Британија, каде наводно договарале набавка на опремата за УБК. Тоа, според обвинителството, се случило во периодот од 7 јули до 9 јули 2010 година. Екипата наводно остварила состанок со претставници на компанијата ГАММА, лоцирани на адреса во Хемпшир (?!), при што тема на разговор била набавка на опрема за потребите на МВР-УБК, каде и наводно било договорена набавка на електронска и комуникациска опрема и обука за користење на опрема од производителот.

Во март 2017 година, обвинителката Ленче Ристовска се обратила до британските власти, а во април 2018 година добила одговор од британскиот Хоум офис. Британските власти уредно одговориле на сите 14 прашања на нашето Обвинителство, кои содржат и потпрашања и доставени документи. Одговорите се – глава боли!

Накусо, Британците одговориле дека нема записи, ниту физички и електронски докази, дека било кој од обвинетите или другите лица  биле во посета во Обединетото Кралство во врска со договорот 11055, или дека комуницирале со компанијата ГАММА. На прашањето на нашето Обвинителство „дали од ГАММА е дадено овластување за Македонија, со кое се овластува правно лице да продава, сервисира, поддржува и одржува производи на ГАММА ЛТД“, добиен е јасен и прецизен одговор: „Производителот има издадено сертификат со кој се идентификува Финзи како префериран партнер, официјален препродавач и давател на услуги за поддршка на ГАММА Интернационал ЛТД“.

Кај се чуло и видело да се утврди штета без вештачење?

Овој студент туш од Лондон веројатно бил последната шанса Обвинителството да се повлече од случајот. Но не, некој решил и притиснал да се прекршат сите познати правила на кривичната постапка и по секоја цена обвинетите да се осудат. Толку биле сигурни во својата моќ и во својата гилотина, што нашите Робеспјеровци направиле уште една голема глупост, уште една фрапантна повреда на постапката. Утврдиле постоење материјална штета без никакво вештачење, без никаков обид да се докаже дека државата можела спорната опрема да ја набави по пониска цена.

Штета вез вештачење? Неверојатно! Човек да се запраша дали овие луѓе воопшто завршиле факултет и кој им дал шестка…

Но и тоа не е сѐ. Внимавајте, без никакво посебно објаснување, Јавниот обвинител во завршните зборови врши корекција на „штетата“ што е наведена на почетокот на процесот и ја менува од 440.000 евра на 432.000 евра. Фрапантно е тоа што ниту при првичното утврдување на материјалната штета не е понудено економско вештачење, ниту при допрецизирањето во завршните зборови не е објаснето врз основа на што настапила измената.

Ваков преседан не се памети. Веројатно тоа е една од поважните повреди на постапката поради која апелационите судии немале друг избор одошто да ја укинат пресудата.

Да биде работата уште потрагична за Обвинителството, тоа не изразило никакви забелешки на вештачењето што го подготвила одбраната на обвинетите. Биле ангажирани економски и финансиски експерти да дадат мислење дали МВР навистина било во загуба и дали фирмата „Финзи“ навистина незаконски профитирала од буџетот на РМ. Вештачењето покажало дека од оваа зделка „Финзи“ остварила добивка од неполни 100.000 евра за 4 години или по 25.000 евра годишно, односно околу 2.000 евра секој месец. Сето тоа, според пресметките на економските експерти, е само 3,86 отсто од приходите на „Финзи“ остварени во тој период.

Обвинителството, пак, не спори со наодот на вештите лица ангаѓжирани од одбраната, но затоа целосно го игнорира. Чудесии…

Наследството на прчијата на Катица Јанева  

„Трезор“ е еден од неколкуте судски случи, наследени од поранешното Специјално јавно обвинителство, за кои пишував често во последниве три години. Иако многумина ме обвинуваа дека сум склучил „пакт со ѓаволот“, пишував следејќи ги етичките и професионалните стандарди на мојата професија. Не е секогаш лесно да ги следите своите принципи, особено не кога хорот крека против вас, но ете, понекогаш човек добива сатисфакција, каква што за мене е оваа одлука на Апелациониот суд.

Инаку, пишував и со јасна намера да покажам и да докажам дека македонските судови од прчијата на Катица Јанева наследија само незавршени истраги и смешни обвиненија. Што друго можеше да се очекува од едно Обвинителство кое и самото се „прослави“ откако беше фатено во делење незаконски бонуси, а се откри и тоа дека Јанева и дел од нејзината екипа рекетирале бизнисмени и така целосно го урнисаа угледот на институција во која државата вложи огромни ресурси.

За жал, иако вистината и аргументите за овој случај беа кристално јасни и јавно достапни, најголем дел од од медиумите избраа слепо и послушно да ги следат апологетите на хибридниот режим на Зоран Заев, јавно искажувајќи спремност да се погазат сите принципи и сите човекови права, само за да се спроведе некаква нивна „револуционерна правда“, која не е ништо друго освен гола одмазда. Молчеа и правните експерти, од кои се очекуваше да се огласат во одбрана на системот и против повредите на законот.

Редок и затоа чесен исклучок беше Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет во Скопје, кој јавно се огласи, изјавувајќи дека целиот случај „Трезор“ е базиран на претпоставки, во чие докажување Јавниот обвинител не отишол подалеку од таму каде што бил на почетокот. Тој јавно кажа дека не би сакал да биде на местото на обвинетите, бидејќи Судот е под жесток притисок.

Втора и последна шанса да се демонстрира интегритет

Сакам да кажам уште нешто важно. Тоа што Фатиме Фетаи, Ленче Ристовска и уште двајца други обвинители се обидоа да го истуркаат обвинението по секоја цена, сепак не значи дека дека се неспособни обвинители. И тоа што првостепениот Суд донесе осудителна пресуда со драконски казни, не значи дека на судиите не им е јасно дека одлучиле спротивно на законите. Не сакам никого да ослободам од одговорноста за едно крајно непримерно поведение, но сепак укажувам дека и Обвинителството и Судот заслужуваат втора шанса да демонстрираат интегритет и отпорност на политичките и јавните притисоци. Иако првата шанса не ја искористија.

Затоа, би се осмелил да кажам дека единствениот чесен начин Обвинителството и Судот да си го спасат образот е повторниот судски процес да почне со повлекување на обвинението за „Трезор“. Тоа е умно и елегантно решение. И да одам и чекор понатаму – повлекувањето на обвиненијата за повеќе случаи за кои сум пишувал е единствениот начин и судовите и обвинителствата да се извлечат од процеси кои не можат да завршат со осудителни пресуди без елементарно кршење на материјалното и на процесното право. Треба конечно да се сфати дека времето на „револуционерната правда“ полека но сигурно се ближи кон крајот и дека револуцијата ги јаде и своите деца.

И главата на Робеспјер одлета на гилотина

Кога сме веќе кај премислата за перспективата на „револуционерната правда“ и на „револуционерниот терор“, би сакал овде да приложам и една мала лекција од историјата, за сите коишто се уште веруваат во теоријата на Робеспјер дека „моќта во револуцијата е деспотизам на слободата против тиранијата“.

Во својот памфлет „За принципите на политичкиот морал“ од февруари 1794 година, Робеспјер ќе напише: „Ако доблеста е извор на народната моќ во време на мир, изворот на таа моќ за време на револуцијата е доблеста поврзана со теророт: доблест, без која теророт е деструктивен; терор, без кој доблеста е немоќна. Теророт, едноставно, е правда која е брза, строга и непопустлива, затоа е израз на доблест. Всушност, тој и не претставува посебен принцип, туку природна последица на општиот принцип на демократијата, применет заради остварување на најитните потреби на нацијата“.

Еден од оние кои ќе се спротивстават на оваа апологија на револуционерниот терор е Дантон, близок соработник на Робеспјер. Членовите на Комитетот за јавна безбедност, државно тело што спроведува терор, остро ќе го нападнат Дантон. Во март и април таа година, Дантон и многу т.н. умерени револуционери и „колебливци“, ќе бидат гилотинирани. Овие егзекуции го означуваат почетокот на крајот на периодот на „револуционерниот терор“. Вистинскиот крај, сепак, ќе дојде на 28 јули 1794 година, кога под сечивото на гилотината ќе одлета и главата на Робеспјер.

Нејсе, денес сме речиси два ипол века оддалечени од тоа време. Гилотини веќе не постојат, глави не летаат. Но, во сфаќањето на многу луѓе во општество со доминантна авторитарна свест, се уште постои предрасудата дека на некои луѓе треба да им суди јавноста, „по кратка постапка“ и без докази, а казните треба да бидат драконски, по принципот „око за око“. Да се спроведе референдум, мнозинството луѓе би гласале за враќање на смртната казна. Во такви околности, многу е важно стандардите и моралот на законите и на судската пракса да ги воспоставуваат луѓе од општествениот слој што го нарекуваме елита, во кој има и обвинители, судии, адвокати, истакнати правници, новинари и други личности од јавниот живот.

Ете затоа, ќе завршам со нешто што го напишав и во моите претходни написи на оваа тема – сите мора да веруваме во системот и во правните принципи стари со векови и со милениуми, во словото и во духот на законите и да се заложиме слободата на човекот сепак да биде неприкосновена, а правдата да се опслужува во строго форматирани и регулирани постапки, а не да се „дели“ под притисок.

Обвинителството и Судот добија втора шанса во случајот „Трезор“. Треба паметно да ја искористат.

 

Поврзани содржини