ДАНЕЛА Е ШТЕТНА ЗА СИТЕ СКОПЈАНИ Алијанса побара од Арсовска да си поднесе оставка
Од партијата проценуваат дека главниот град не смее да остане во ваква хаотична состојба, злоупотребен поради инаети и лични и кланови интереси, туку бездруго треба да се стави во служба на граѓаните на Скопје.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска одамна потфрли во својата должност, а сега таа станува штетна за сите скопјани, реагираат од Алијанса за Албанците.
– По неправедното отпуштање на вработени во јавните претпријатија, сега го блокираше и јавниот превоз, наштетувајќи им на приватните превозници и на сите граѓани на Скопје. Би упатиле повици да се реши проблемот, но, Арсовска веќе ја докажа својата неспособност и лошо менаџирање, па како единствено решение кое го гледаме за сите проблеми е нејзината итна оставка – се вели во партиското соопштение.
Оттаму проценуваат дека главниот град не смее да остане во ваква хаотична состојба, злоупотребен поради инаети и лични и кланови интереси, туку бездруго треба да се стави во служба на граѓаните на Скопје.
Инаку Алијанса на Албанците застана позади независната кандидатура за градоначалник на Скопје на Данела Арсовска.
Во јули тогашиот генералниот секретар, а сега в.д. претседател на Алијанса за Албанците рече дека прекинува соработката со Арсовска, откако скопската градоначалничка по инцидентот со пукањето кај хотелот „Де Кока“ го разреши директорот на ЈП „Комунална хигиена“, кој беше кадар на АА и брат на пукачот.