ЌЕ СЕ ОДМОТКА ЛИ КЛОПЧЕТО ОНИШЧЕНКО? Виктор Димовски оди на распит пред собраниските комисии
Ковачевски го повика претседателот на Комисијата за надворешни работи Антонијо Милошоски да свика седница на која директорот на АНБ и предложен амбасадор Виктор Димовски ќе даде одговори на прашањата кои што ќе му бидат поставени во врска со државјанството на украинскиот бизнисмен Онишченко.
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека упатил барање до институциите, кои биле вклучени во донесувањето позитивни мислења за доделување државјанство на Украинецот Олександр Онишченко да поднесат извештај за тоа дали и како е спроведена процедурата.
Во меѓувреме директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски е повикан во среда на пред пратениците на собраниската Комисијата за надзор на работата на АНБ да даде објаснување на кој начин е правена безбедносната проверка за украинецот Олишченко, имајќи предвид дека за него има меѓународна потерница и се наоѓа на црната листа на САД.
Премиерот Ковачевски рече дека владата носи одлуки врз основа на мислења од страна на институции кои учествуваат во носење на одредена одлука.
– При доделувањето на конкретното државјанство беа доставени сите позитивни мислења од сите институции, кои што требало да дадат мислење, и врз основа на тоа министрите се изјаснуваат, а со оглед дека сите документи биле со позитивни мислења од сите институции, донесено е и позитивно решение. Секој министер, дури и претседател на Влада, не може да ги знае процедурите во секоја институција, а овде биле вклучени четири институции. Очекувам таков извештај да биде доставен до Владата за да можеме да видиме на кој начин биле изработени тие мислења – изјави денеска Ковачевски на новинарско прашање за случајот со доделување државјанство на Онишченко на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама кој е во посета на Скопје.
Ковачевски го повика претседателот на Комисијата за надворешни работи Антонијо Милошоски да свика седница на која директорот на АНБ и предложен амбасадор Виктор Димовски ќе даде одговори на прашањата кои што ќе му бидат поставени во врска со државјанството на украинскиот бизнисмен Онишченко.
Претседателот на Комисијата за надзор на работата на АНБ Љупчо Пренџов изјави дека граѓаните треба да знаат на кој начин се издаваат македонските државјанства, а со ваквите случаи рече дека се нарушува не само домашниот разузнавачки систем, туку и колективитетот на НАТО.
– Лично сум многу загрижен во врска со издавањето на македонски државјанства и на македонски пасоши. Веќе имам чувство дека секој втор хоштаплер и криминалец има во џебот македонски пасош и според мене сметам дека тоа е сериозен предизвик и аномалија во безбедносниот сектор во државата, бидејќи лицето кое што му е даден македонски пасош, веќе има две или три државјанства, веќе има меѓународна потерница и веќе е ставен на црната листа на државата која е наш стратешки партнер изјави Пренџов, пратеник од партијата ГРОМ.
Директорот на АНБ, Димовски, досега јавно не се произнесе за овој случај. Од ВМРО-ДПМНЕ побараа МНР да ја повлече одлуката тој да биде амбасадор во Франција, бидејќи со тоа ќе нанесе штета на меѓународниот углед на државата.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, рече дека опозициските пратеници преку Комисијата за надворшени работи имаат можност да го испрашаат Димовски за случајот.
Контроверзниот Онишченко го доби македонскиот пасош по иницијатива на Федерацијата за коњачки спортови од каде оцениле тој може да придонесе за развој на овој спорт.
Засега не е јасно како е можно името на Олександр Онишченко да се протнало низ македонските институции, кога при првото пребарување на интернет сервисот „Гугл срч“ за неколку секунди се појавуаат стотици информации дека Онишченко е контроверзен и криминализиран лик, во самата Украина, па и во САД. Многу лесно можат да се склопат коцките на неговата биографијата, и не е можно овие информации да биле невидливи за македонските разузнавачи.
Едното објаснување е дека безбедносната проверка напросто не функционира, затоа што за неа се задолжени кадри што не знаат како да ги извршуваат основните работни задачи. Другото објаснување е дека системот е длабоко и неповратно корумпиран, односно дека тие што требале да дадат позитивно мислење, многу добро знаеле кој е Онишченко, но имале мотиви да одлучат позитивно. Јавното обвинителство има основа да испита за какви мотиви станува збор.