123 ФУНКЦИОНЕРИ КРИЈАТ ИМОТ ОД 30 МИЛИОНИ ЕВРА Од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги кажат имињата, ако институциите не ги објават (ВИДЕО)
Партијата се закани дека доколку документите не се објават за 24 часа ќе почне да ги објавува.
ВМРО-ДПМНЕ денеска обелодени дека поседува документи според кои државни функционери, претседатели на комисии, директори, раководни луѓе на институции поседуваат имот во вредност од 30 милиои евра кој не го прикажале во имотните листови.
Според пратеникот Бране Петрушевски, кој ја почна аферата „Тајни имоти“ која ја најави неговата партија минатата недела, во сопственост на овие функционери има куќи, станови, викендици, деловни простории.
Тој рече дека партијата поседува документи за сите имоти и побара институциите да ги објават за 24 часа или ВМРО-ДПМНЕ од утре ќе почне да ги објавува поединечно.
– Пет години власт на СДС, 123 именувани функционери на државни позиции кријат имот вреден 30 милиони евра.Новата афера Тајни имоти, е уште еден показател како власта функционира надвор од законите, заштитувајќи ги прекршителите на истите, кои во овој случај се избрани и именувани функционери, а чија обврска е да служат на граѓаните на Македонија.Со СДС на власт, овие функционери, очигледно служат само на нивната партија и на човекот кој ги именува преку седници на влада. Овие имоти се тајни и истите не се евидентирани од Државната комисија за спречување на корупција. Овие 123 функционери придонеле, прво кон кршење и непочитување на законите и второ но не помалку важно кон криење на своите имоти – рече Петрушевски.
Тој рече дека не верува дека тоа е системски пропуст, но верува дека тоа е системско прикривање на станови, куќи, деловни простори, удели во фирми и депозити.
Петрушевски смета дека Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси е соучесник во овој процес бидејќи ги штити овие функционери.
-Сметаме дека се работи за ново злосторничко здружување и организирано криење на имоти. Антикорупциската комисија е должна да води точна прецизна и навремена евиденција за поднесување на анкетните листови од страна на функционерите, кои имаат обврска во рок од 30 дена од нивното именување да поднесат анкетни листови. Треба да се постави и прашањето зошто антикорупциската постои ако точно 123 лица функционери го кријат својот имот. Законскиот рок од 30 дена е пробиен со месеци, а од власта на СДС молк и заштита на нивните партиски пиони – рече тој.
ВМРО-ДПМНЕ, акко што рече Петрушевски, се сомнева дека преку ова молчење за имотите на овие функционери се крие нелегално стекнат имот.
– Да потсетиме оваа владата каде Премиерот дезертер стекнал преку аферата броило, заедно со неговиот кум бизниси вредни 26 милиони евра, е земја со влада која е најкорумпирана во Европа. Зошто СДС крие имот во енормно висока вредност? Зошто СДС дава групна насока на своите функционери да не го пријавуваат имотот со кој се стекнале незаконски? И дали овие функционери се дел од лицата за кои и самата претседателка на ДКСК Билјана Ивановска, во неколку наврати кажа дека знае за случаи во кои функционери имаат големи имоти, но тој не е на нивно име?Очигледно е дека се работи за свесно криење, а само имот стекнат на нечесен и криминален начин се крие – рече Петрушевски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ направила длабинска анализа и ги имаме сите со име и презиме.