САМО НАПРЕД СЛАВИ, ВРАТЕТЕ ГО ВЕТОТО! Аналитичари сметаат дека тоа би било дипломатски подарок за Македонија
Баш ме интересира како кој било бугарски политичар или општественик ќе објасни пред „Њујорк тајмс“, пред „Гардијан“, „Ди Велт“ или „Фигаро“ дека Бугарија става вето поради забрана на здруженија со имиња на соработници на Адолф Хитлер, вели поранешниот амбасадор Ивица Боцевски.
Ако Бугарија го врати ветото кон Македонија со образложение дека ние не дозволуваме регистрација на здруженија именувани според докажани соработници на Хитлер и фашизмот, само напред, целосно ги поддржувам во таа намера – тоа ќе биде најдобар подарок за Македонија пред европската и светската јавност, вели Ивица Боцевски, политички аналитичар и поранешен амбасадор, коментирајќи го повикот на лидерот на бугарската партија „Има таков народ“ Слави Трифонов, бугарското Собрание да го врати ветото кон преговорите на Македонија со Европската Унија.
Трифонов бара Софија да го врати ветото затоа што во Македонија се носи нов закон за здруженија на граѓани, со кој најверојатно ќе бидат дерегистрирани бугарските здруженија „Цар Борис Трети“ во Охрид и „Иван Михајлов“ во Битола, затоа што законот предвидува да не може за имиња на здруженија да се користат личности кои биле фашисти или соработувале со фашизмот. За Трифонов, ова е доказ дека во Македонија „се води војна против сè што е бугарско“ и дека прва работа што треба да го стори новиот состав на бугарското Собрание е „веднаш да ја замрзне кандидатурата на Северна Македонија за членство во Унијата“.
„Споредните“ не се нималку споредни
Македонски аналитичари и политичари велат дека изјавите на Трифонов не треба да се игнорираат поради тоа што тој сега е маргинален политичар – не успеа ниту да влезе во парламентот на последните избори.
– Токму преку такви т.н. споредни ликови секогаш доаѓа „ехото“ на она што набргу потоа се проширува на сите битни фактори како општоприфатена позиција на бугарската политика кон Македонија – вели Илија Димовски, политичар и аналитичар, поранешен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, не треба воопшто да нѐ изненадува секаква блокада или опструкција од бугарска страна.
– Македонија треба со внимание да следи што сѐ се случува во Софија во однос на нас, посебно заради тоа што со потпишаните два протокола кои произлегуваат од член 12 од Договорот, Македонија презеде премногу обврски кои немаат никаква врска со европската перспектива, туку се само во насока на задоволување на тесни државни интереси на Бугарија кон Македонија. Речиси сум сигурен дека на оваа тема, или на други теми кои се опфатени со протоколите, ние континуирано ќе ги имаме истите закани, уцени, а веројатно некогаш ќе имаме и блокади од страна на Бугарија – дециден е Димовски.
Тој смета дека е добро тоа што нашето Собранието едногласно, со поддршка на сите партии, ја донесе одлуката за Законот за здруженија на граѓани.
– Така демонстрираме единство и јасна национална позиција и парламентарна волја во однос на ова прашање. Лично сметам дека и со постојната регулатива државата можеше да ја оспори регистрација на овие здруженија, но како и да е, сега владата нема да има простор да биде толерантна и да мери политички околности, туку ќе мора да постапува – вели Димовски.
Нема дилеми кои се Борис Трети и Иван Михајлов
Според Ивица Боцевски, нема дилеми дека здруженијата „Борис Трети“ и „Иван Михајлов“ нема да можат да го минат законскиот филтер на изменетиот Закон за здруженија на граѓани, зашто во него, покрај другите основи за забрана, внесени се конкретно и принципите на антифашизмот.
– Неспорно е, Борис Трети е сојузник на Адолф Хитлер, Иван Михајлов целата Втора светска војна ја поминува кај Анте Павелиќ, а документите, кои се пронајдени и објавени, говорат дека со Михајлов е направен последниот обид на фашистичка Германија за формирање некаква Независна држава Македонија на самиот крај на војната, кој не се реализира. Значи, неспорно е дека тие се соработници на Хитлер и фашизмот. Може да разговараме за нијанси, како тоа се дефинира во историската наука или политокологијата, меѓутоа, јасно е за светската демократска и глобална јавност дека тие се вон границата на прифатливото и на добриот вкус – вели Боцевски.
Затоа, смета тој, културните клубови со нивните имиња треба да бидат затоврени, односно дерегистрирани.
– Ако Бугарија на ова реагира со вето, тогаш ќе ни даде најдобар можен подарок пред европската и пред глобалната јавност. Јас ги охрабрувам да стават вето и да кажат дека го ставаат ветото затоа што во Македонија е забрането здружение со името Борис Трети или со името Иван Михајлов. Баш ме интерсира како кој било политичар или општественик од Бугарија ќе објасни пред „Њујорк тајмс“, пред „Гардијан“, „Ди Велт“ или „Фигаро“ дека става вето поради забрана на здруженија со имиња на соработници на Адолф Хитлер. Тоа ќе биде интересно да се види. Тоа само може да ја објасни и да ја засили позицијата на Македонија во светот – вели Боцевски.
Тој вели дека за овие теми секогаш се добродојдени германските искуства, имајќи предвид дека во справувањето со темните петна од историјата Германците се појдени најдлабоко и најдалеку.
– Во Германија токму ширењето омраза и меѓуетничка нетрпеливост е црвена линија која ја ограничува дури и слободата на изразувањето. Дури и тие што сакаат да отпечатат маици со симболот свастика, како се фрла во корпа, во смисла, да го исфрлиме фашизмот, значи во негативна конотација, исто така мора да бараат и да добијат дозвола за да го употребат тој симбол, зашто тој е забранет – илустрира Боцевски.
Повредени се чувствата на Македонците
Професорот и дипломат Ѓорѓи Спасов, поранешен амбасадор во Бугарија, вели дека со носењето измени во овој закон малку се доцни, тоа требало и претходно да биде направено, но во секој случај неопходно е да се спречи користење имиња кои ги повредуваат чувствата на граѓаните.
– Македонија има право со барање за пререгистрација на невладините организации и со овластување на Министерството за правда или судовите да не дозволи користење имиња на тие организации кои од пошироката јавност можат да се доживеат како политичка провокација. А под политичка провокација може да се сметаат имиња или симболи, програми и активности насочени кон величење на фашизмот, нацизмот, окупацијата во време на Втората светска војна, оспорување на националниот идентитет и на националната историја или омаловажување на жртвите и борците за слободна и независна Македонија – вели Спасов.
Не треба да нѐ загрижува, вели Спасов, ако Бугарија или некои бугарски политичари тој чин го оценат како „антибугарска кампања“ или „непочитување на Договорот за добрососедство“.
– Треба да ги игнорираме сите такви реакции од нивна страна. Нека ѝ објаснуваат на ЕУ што е тоа што тие го сметаат за почитување на Договорот за добрососедство и другите членки на ЕУ нека сфатат кој создава атмосфера за влошување на односите меѓу двете земји и како го користат малцинството Бугари во Македонија, не како мост за зближување меѓу двете земји, туку за чепкање по раните од историјата и оживување на големобугарските идеи – вели Спасов.