МАРИЧИЌ „НАПАДНАТ СО БИФТЕЦИ“ НА ПРЕСОТ СО ГИР Вицепремиерот рече дека на сите прашања за службените ручеци одговорил
Порталот побарал од СЕП целосни извештаи за трошењата на вицепремиерот Маричиќ, но тврди дека не ги добил, иако три пати му било ветено тоа. Маричиќ на прес конференција го тврдеше спротивното.
„Не, не, не ја лажам јавноста… Еве јас одоговорив на прашањето, ако не сте задоволен може и писмено да ме прашате и ќе ви одговорам. Но, ви беше понуден увид во сметките вие го одбивте и тоа треба јавноста да го знае“ – одговори вицепремиерот Бојан Маричиќ, од кого на денешната прес-конференција новинар на А1.он побара да му бидат доставени сметките за тоа колку тој потрошил на службени ручеци во ресторани и кафеани откако е дојден во Секретаријатот за европски прашања.
Во јуни годинава порталот А1.он објави сторија за тоа колку вицепремиерот трошел во ресторани на сметка на Секретаријатот за европски прашања. Според написот, од минатиот јануари до јануари оваа година Маричиќ исплатил 313.603 денари или 5.000 евра за сметки во ресторани, или просечно по околу 400 евра месечно. Порталот напоменува дека во сумата не се пресметани трансакциите што се направени во евра.
На државна сметка Маричиќ, некогаш и со гости, според сметките јадел скапи специјалитети, како бифтеци, свеж лосос, свежа риба орада, медалјони од бифтек… Од сметките што ги добил порталот „А1.он“, потпишани од Маричиќ, се гледа дека се нарачувале и жестоки алкохолни пијалоци, како ракија, уза, мастики, како и квалитетни вина. Сметките се направени во луксузни скопски ресториани, а достигнуваат и до 17.000 денари.
Порталот побарал од СЕП целосни извештаи за трошењата на вицепремиерот Маричиќ, но тврди дека не ги добил, иако три пати му било ветено тоа. Маричиќ на прес конференција го тврдеше спротивното.
– На вашето прво барање целосно беше одговорено, инаку немаше да имате материјал за серијал за пишување на таа тема. Во однос на трошоците во СЕП прво го упативте барањето на погрешна адреса, по што ви беше укажано. По укажувањата на институциите за споделување на потребните информации добивте покана да дојдете во СЕП и да извршите увид во сметките и во се што ве интересира. Вие тоа го одбивте и сега во наредна фаза ќе ви ги доставиме сите информации кои што ви се потребни, но треба јавноста да знае дека имавте можност да добиете увид во сите документи и дека вие тоа го одбивте. Така што еве во следна фаза институционално ќе ги решиме сите недоразбирања и мислам дека немаме што да криеме и дека нашата институција и секоја институција која што сум ја водел редовно доставувала информации и до владиниот систем за владини финансии и до сите медиуми и се она што ги интересира медиумите, рече Маричиќ.
На ова новинарот одговори дека барал фотокопии од извештаите, а не увид, по што Маричиќ рече дека одговорил на прашањето, а ако новинарот не е задоволен, да испрати прашања на писмено. На видеото може да го погледнете целиот тек на разговорот: