ПРАТЕНИК НА СДСМ СИ ЈА „ПРЕФРЛИЛ“ СОПРУГАТА ОД ОПШТИНА КУМАНОВО ВО МНР Стоилковски прашува – и таа ли била неопходна?
Во јули, додека се случуваа огромни семакедонски протести, а во Собранието жестоко се дебатираше, пфратеникот Мартин Костовски веројатно се занимавал со вработување, префрлање на својата 23-годишна сопруга во МНР како „неопходен“ кадар, обвинува ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски продолжува со серијата пресови за божемните „неопходни вработувања“ на миленици и партиски функционери на, како што вели, „антимакедонската СДС“.
На тапет овој пат е од недоамна нововработена во МНР Ивана Костовска, сопруга на пратеникот на СДСМ Мартин Костовски.
– Костовска веројатно била неопходен кадар, па затоа МНР на Бујар Османи ја има преземено од друга институција. Преземањето, најверојатно, е од администрацијата на Општина Куманово, и тоа во јули годинава. Значи, додека фокусот на јавноста беше кон претстојното предавство на македонската посебност, додека се случуваа огромни семакедонски протести, а во Собранието жестоко се дебатираше, Мартин Костовски веројатно се занимавал со вработување, префрлање на својата 23-годишна сопруга во МНР како „неопходен“ кадар! Прашање е дали и гласањето во Собранието на Мартин Костовски не се должи на пазар за вработување на неговата сопруга во МНР – изјави Стоилковски.
Неопходноста од кадарот како сопругата на Мартин Костовски, за МНР да спроведе преземање, се покажува со нејзината, како би сакал Бујар Османи да нагласи, „почетничка позиција“ во делот на соработката со НАТО, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде:
– Македонија тоне во сиромаштија, тоне во кризи, тоне во предавства, тоне во економска неизвесност, а антимакедонската СДС ја држи власта само и само за партизација на администрацијата и ухлебување на своите миленици и функционери на плата од празниот буџет. Димитар Ковачевски и Бујар Османи мора да одговорат од која институција и за која позиција е преземена во МНР сопругата на пратеникот Мартин Костовски. Димитар Ковачевски и Бујар Османи мора да одговорат колку вакви преземања се направени, заради каква неопходност каква што велат, со кои и какви квалификации се преземени лица на пример како Бесмира Ејупи и Ивана Костовска, и зошто ги сокриваа од јавноста.
И најважно, коментира Стоилковски, Ковачевски и Османи треба прецизно да одговорат дали овие две новопримени, неопходни, како што велат, ама на најниски позиции примени, се планирани или ќе добијат нови позиции со огласот за 16 нововработени, 4 раководни позиции во МНР, оглас на којшто може да се пријават и луѓе веќе во МНР.