ЕВН ВЛЕЗЕ ВО АРАЧИНОВО Се местат броила, се санира дефектот и се утврдува што го предизвикало
Паралелно со тоа, ЕВН ќе поставува броила надвор од дворовите на куќите за, како што велат надлежните, „подобра евиденција и контрола на користењето на електричната енергија“. Ист ваков модел ќе се примени и во останатите градови кои министерот Бектеши ги посочи дека се соочуваат со кражба на струја. Меѓу нив и Скопје, Тетово, Гостивар и Кичево.
ЕВН влезе во Арачиново. Екипите работат на отстранување на дефектите кои поголем дел од Општината го оставија без струја. Според жителите, се работи за опожарена бандера која го предизвикала дефектот. Според ЕВН, причината може да се и атмосферските услови.
„Во првата фаза се прави инспекција на мрежата по што ќе следи реконструкција за подобрување на снабдувањето и отстранување на дефектите кои беа резултат на нелегалните приклучувања. Според планот на реализација, реконструкцијата би требало да трае со месеци па дури и повеќе од година дена. Целосната реализација на планот значи снабдување без прекини и речиси без дефекти за жителите на Арачиново“, стои во соопштението.
Паралелно со тоа, ЕВН ќе поставува броила надвор од дворовите на куќите за, како што велат надлежните, „подобра евиденција и контрола на користењето на електричната енергија“.
Вработените на ЕВН во Арачиново беа во придружба на припадници на Агенција за обезбедување. Полициски припадници немаше. Градоначалникот на Општината, Ридван Ибраими апелира до компанијата за почесто присуство на нејзини екипи во Арачиново во иднина, во насока на нормализирање во снабдувањето на жителите со електрична енергија.
Ист ваков модел ќе се примени и во останатите градови кои министерот Бектеши ги посочи дека се соочуваат со кражба на струја. Меѓу нив и Скопје, Тетово, Гостивар и Кичево.
Како и дали ќе се наплаќаат кражбите на струја, засега не се знае. Според податоците на ЕВН, загубите на струја само во Арачиново годишно нѐ чинат 6 милиони евра. На ниво на држава, пак, загубите се 100 милиони евра.
Инаку, според измените на Кривичниот законик во 2012 за „Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“, се предвидува казна до 5 години затвор како и парични казни од 5.000 до 20.000 евра.