ТЕРМОЕЛКТРАНИТЕ ГО ЗГОЛЕМИЈА ПРОИЗВОДСТВОТО ЗА 40 ОТСТО Од ЕСМ велат дека тоа е резултат на поголемиот ископ на јаглен
ЕСМ има позитивно мислење за владините мерки и препораки за штедење на електрична енергија.
РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ произведоа за 40 отсто повеќе електрична енергија во периодот јануари-јули годинава во споредба со истиот период лани. Во овј период термоелектраните произведоа 1559 гигават часови електрична енергија, а во истиот период лани 1126, информираа денеска од ЕСМ.
Според нив, зголеменото производство се должи на зголемениот ископ на јаглен во сопствените рудници, набавката на јаглен за дополнително производство и подготвеноста и техничкото одржување на блоковите.
„Во истиот период постигнато е да се намали потрошувачката на вода, односно производството на електрична енергија од хидроелектраните е намалено за 25 отсто и нивото на акумулациите се држи на оптимална кота, со цел заштеда на хидропотенцијалот за следниот период, кога во текот на грејната сезона се очекува пораст на побарувачката и на потрошувачката на електрична енергија“, се вели во соопштението.
ЕСМ има позитивно мислење за владините мерки и препораки за штедење на електрична енергија.
„Сметаме дека тие ќе придонесат да се намали притисокот врз производните капацитети и да се растовари електро-енергетскиот систем во услови на високи цени на енергенсите и отежнато снабдување на пазарот со енергенси“, се наведува во соопштението.
Владата вчера донесе мерките што треба да овозможат заштеда на струја до 15 отсто, а ќе стапат во сила од 1. следниот месец. За домаќинствата и компаниите се предвидени препораки, а за државните институции конкретни задолженија.