ЦЕНАТА НА СТРУЈАТА ВО РЕГИОНОТ УРИВА РЕКОРДИ, НО МАКЕДОНИЈА Е БЕЗБЕДНА Со подобро менаџирање на соларните мегавати би биле уште посилни

Цените од над 500 евра во Србија, Хрватска, Словенија, Романија и во Унгарија опоменуваат колку скап може да биде еден вечерен недостиг на струја. Примерот на Македонија, пак, покажува колку е важно домашното производство за совладуваее на ваквите кризи.

0

Цената на струјата во делови од Југоисточна Европа на почетокот на август достигна повеќе од 700 евра за мегават-час, додека Македонија во истите критични часови имаше значително поевтина електрична енергија. Разликата е голема, но рекордите во соседството се важни и за Македонија, која е поврзана со регионалниот пазар и дел од потребите за струја ги покрива со увоз.

Најголемиот скок е забележан на 3 август околу 20 часот. Во Словенија струјата се продавала по 717 евра за мегават-час, во Хрватска по околу 650, во Србија по 550, во Романија по 535, а во Унгарија по 510 евра. Македонската цена во истиот час била околу 217 евра, а бугарската 290 евра за мегават-час.






Слично се случило и следната вечер. На 4 август цената во Словенија достигнала 573 евра, во Хрватска 538, во Србија 497, во Романија 420 и во Унгарија 405 евра за мегават-час. Бугарија тогаш била на околу 200 евра, а Македонија на 290 евра. Во двата вечерни пика македонскиот пазар бил меѓу поевтините во регионот.

Кога ќе зајде сонцето почнува битката за секој „грам“ струја

Зад огромните разлики во цените стојат сушата, високите температури и состојбата на производните капацитети. Ниските водостои го намалија производството на хидроцентралите, а недостигот од вода создава проблеми и кај термоелектраните и нуклеарните централи што користат речна вода за ладење. Истовремено, горештините ја зголемуваат потрошувачката поради масовната употреба на клима-уредите.

Најголемиот проблем се јавува навечер. Потрошувачката останува висока, а со зајдисонцето нагло се намалува производството на соларните електрани. Недостигот мора да се надомести од други електрани или со увоз. Кога повеќе земји истовремено бараат дополнителна струја, цената на берзите може за неколку часа да порасне неколкукратно.

Кој има „своја“ струја е во предност

Македонија полесно го поднесува регионалното поскапување пред сè поради високото домашно производство. Најновиот објавен месечен статистички податок покажува дека во мај во земјава биле произведени 462.653 мегават-часа електрична енергија и со тоа биле покриени 96,5% од домашната потрошувачка.

На подолг рок зависноста од увоз исто така е значително намалена. Според Регулаторната комисија за енергетика, нето-увозот во 2025 година изнесувал 13,74% од бруто-потрошувачката, а во последните три години увозната зависност се одржува под 20%.

Дополнителна сигурност дава состојбата на хидроакумулациите. Министерството за енергетика објави дека нивната исполнетост е околу 70%, што овозможува значително производство од хидроцентралите во период кога сушата и ниските водостои создаваат проблеми во повеќе европски земји. Производството од македонските хидроцентрали е зголемено за 76% во однос на истиот период минатата година, а производството од ветерните електрани за околу 10%.

Во сегашните услови Македонија нема голема потреба да се потпира врз увоз. Тоа е особено значајно во вечерните часови, кога цените на регионалните берзи нагло растат. Земјата може да го користи сопственото производство, а увозот да служи за покривање на недостигот и за балансирање на системот.

Освен тоа, Македонија е солидно поврзана и со Бугарија и со Грција. Особено важна е состојбата во Бугарија, каде во последните години брзо се зголемува производството од обновливи извори и капацитетот на батериските системи за складирање струја. Вишоците произведени преку ден можат да се зачуваат и да се користат во часовите кога соларните централи престануваат да произведуваат.

Берзанските скокови се огромни

Македонските бројки покажуваат колку големи можат да бидат разликите во текот на само еден ден. Просечната цена на македонскиот пазар „ден однапред“ во јули изнесувала 105,83 евра за мегават-час. Во јуни просекот бил 93,74 евра, а преку македонската берза биле истргувани 137.172 мегават-часа. Во дневниот период од 9 до 20 часот просечната јунска цена била само 60,1 евро за мегават-час.

Берзанските скокови од 200, 300 или 700 евра за мегават-час не се пресликуваат веднаш во сметките на домаќинствата. Тие се снабдуваат на регулираниот пазар и не купуваат струја по часовните цени на берзата. Многу поизложени се компаниите што купуваат на слободниот пазар, особено ако немаат долгорочни договори со однапред утврдена цена.

Соларните мегавати бараат батериски системи

Ризикот за Македонија се зголемува кога домашното производство не е доволно и струја мора да се купува од странство. Ако недостигот се совпадне со суша, горештини и висока потрошувачка во соседните земји, увозот може да биде многу поскап. Цените од над 500 евра во Србија, Хрватска, Словенија, Романија и Унгарија покажаа колку скап може да биде еден таков вечерен недостиг.

Македонија во последните години доби голем број нови соларни електрани, но августовските цени покажуваат зошто само инсталирањето нови соларни мегавати не е доволно. Потребни се батерии и други капацитети за складирање, стабилно домашно производство и доволно силна преносна мрежа. Струјата произведена евтино напладне има многу поголема вредност ако дел од неа може да се зачува за 20 или 21 часот, кога производството од сонце исчезнува, клима-уредите сè уште работат, а берзанската цена може да биде неколку пати повисока.

Поврзани содржини