НА СЕДНИЦА ВО СОБРАНИЕ ОТСЕГА САМО СО ШЛЕМОВИ Не се знае кој пие, кој плаќа, а кој тепа

Македонија има шанси да стане држава ако народот мнозински одлучи дека повеќе нема да толерира Собранието да личи на селска биртија, а животот преку соживотот да биде киднапиран и диктиран од личните интереси на мафијашите и нивните гавази, вели колумнистот Богдан Илиевски-Бетмен за Плусинфо.

882

Антонио Милошоски е антиалбанец и нему не му е местото во политиката. На ваков начин власта го „осуди“ вчерашниот инцидент во Комисијата за европски прашања во Собранието, каде што пратеникот на ДУИ, Арбр Адеми, сиот накострешен, фрлаше со тврди предмети кон пратениците од опозицијата.

Оттука, пак, сами по себе се поставуваат други прашања: А каде им е местото на насилниците-функционери, кои се подготвени да повредат друг човек и ич око да не им трепне? Каде им е местото на оние функционери кои се закануваат со кршење раце и нозе на други луѓе? Каде им е местото и на оние функционери, кои, суптилно, одвреме-навреме, ја потсетуваат јавноста дека си ги чуваат чизмите на таван? Каде им е местото на сите овие функционери кои добиваат плати од џебот на граѓаните?






Одговори на овие прашања побаравме од политичките партии во земјава, но и од истакнати политички аналитичари и колумнисти.

Селска биртија

Колумнистот Богдан Илиевски-Бетмен, во разговор за Плусинфо вели дека Македонија има шанси да стане држава ако народот мнозински одлучи дека повеќе нема да толерира Собранието да личи на селска биртија.

Богдан Илиевски-Бетмен: Потребна е гласност и широк фронт за победување на стравот, канцерот на нашето општество. Само така ќе заздравиме и ќе живееме нормално

– Ваквите простачки испади ги гледам како најзелениот секрет на разболеното македонско општество кое никако не успева да се ребрендира во современа демократија базирана на силата на законот, а не на законот на силата. Луѓето кои го прават тоа со особена гордост на својата неказнивост, без оглед дали се работи за бандитско водење седници во Собрание, врзување на рацете на градежните инспекции или вадење на очите на судии и обвинители, а поддржани од домашни коалиционери бидејќи се чеда на недомашни коалиции, ја промовираат пораката за безнадежност дека некаква нормалност може да очекува секој чесен македонски човек – вели Илиевски.

Македонија, додава тој, има шанси да стане држава ако народот мнозински одлучи дека повеќе нема да толерира Собранието да личи на селска биртија, а животот преку соживотот да биде киднапиран и диктиран од личните интереси на мафијашите и нивните гавази од сите бои, не само зелената.

– Потребна е гласност и широк фронт за победување на стравот, канцерот на нашето општество. Само така ќе заздравиме и ќе живееме нормално – смета Илиевски.

Што ако шолјата завршеше во нечија глава?

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски за Плусинфо вели дека тоа што вчера го направи поранешниот министер за образование, всушност покажува на кое интелектуално ниво сме ние како народ и како држава.

И кој ќе одговараше ако нечија глава беше расцепена со шолја за кафе? Никој! Зошто никој немаше да одговара? Затоа што напаѓачот е пратеник и поседува пратенички имунитет

Синиша Пекевски Политички аналитичар

– Вчерашното насилство во Собранието само ни покажа каде се наоѓа Македонија и ни го потврди нашиот степен на развој. Веројатно на сите им станува јасно зошто никој не нѐ сака и зошто не нѐ примаат во ЕУ. Ако вака насилнички се однесуваат луѓето коишто треба да нѐ водат, тогаш што преостанува за останатите? Затоа, потребен е нов начин на избирање пратеници и конечно профункционирање на правото. Тоа што вчера го покажа поранешниот министер за образование, всушност покажа на кое интелектуално ниво сме ние како држава. Едноставно, мора да се казнуваат ваквите испади и веќе не смеат да се толерираат. Во конкретната тепачка синоќа не видовме каде заврши шолјата што ја фрли Арбр Адеми. Штом тој замавнува со таков тврд предмет кон други луѓе, тоа по автоматизам значи дека направил кривично дело. Замислете таа шолја да завршеше во нечија глава. И кој ќе одговараше ако нечија глава беше расцепена со шолја за кафе? Никој! Зошто никој немаше да одговара? Затоа што напаѓачот е пратеник и поседува пратенички имунитет. Глупости! – објаснува Пекевски.

Тој смета дека на сите пратеници треба да им се одземе правото на пратенички имунитет.

– Пратениците треба да бидат на ниво на граѓани, односно на исто ниво со мене и со тебе. Нема зошто пратеникот да има пратенички имунитет. Но, за жал, кај нас ништо не функционира како што треба и после се чудиме зошто сите нѐ негираат и нѐ одбегнуваат. Па погледнете само какви луѓе нѐ презентираат и нѐ репрезентираат – вели Пекевски.

За имунитетот се работи

Инцидентот во собраниската Комисија за европски прашања не го предизвика опозицијата, туку претседателот на Комисијата, Арбр Адеми, со своето однесување и конкретно со навредите кон опозицијата, велат од партијата на Зијадин Села, Алијанса за Албанците.

– Криминалот, корупцијата, уличарството и нивните сценарија се манифестираа со вандалски и насилнички акти каде со или без намера беше погоден и пратеникот на Алијанса за Албанците, Елми Азири. Срамното сценарио започна со обидот за продолжување на мандатот на судиите на власта. Адеми лично го навреди пратеникот Снопче, кој побара да се произнесе процедурално. Адеми не му дозволуваше, а ние пратениците од Алијанса за Албацните излеговме пред говорницата за го одбраниме нашето право. И тогаш се случи насилството и вандализмот на координатор на ДУИ. Ова не е првпат да прават вакви сценарија во обидот да го сокријат криминалот. Сите мора да го осудиме овој вандалски чин и вандалите да се најдат пред лицето на правдата – изјави Илире Даути, координатор на пратеничката група на Алијанса за Албанците.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска побара да се симне пратеничкиот имунитет на пратеникот Арбер Адеми и да одговара за насилството во Законодавниот дом.

Стојаноска, ВМРО-ДПМНЕ: Повикуваме Јавното обвинителство да реагира, а во исто време бараме да се симне имунитетот на пратеникот Арбер Адеми и да одговара за насилството во Законодавниот дом.

– Очигледно нервозата во ДУИ и СДСМ расте и ја губат контролата. Несанкционирањето на примитивизмот на Талат Џафери, кој пцуеше службеници во Собранието и заклучуваше пратеници во пленарна сала, е причина таквото недемократско поведение да продолжи да се манифестира од други членови од мнозинството. Јавноста виде дека вчера на Комисијата спротивно на Деловникот, Арбер Адеми се обиде да заклучи дневен ред иако имаше пријавено пратеници кои истиот сакаа да го надополнат. Тој ги оневозможи пратениците Снопче, Азири, Стојановска, Милошоски, Петрушевски да го искористат деловничкото право да предложат други точки, пред истиот да биде усвоен. Кога беше спречен од колегите пратеници, тој се изгуби тотално, почна да навредува, да влече и да удира, да уништува инвентар, па дури и намерно да фрла цврсти предмети од кои еден го погоди колегата Азири директно во главата. Основот за ова насилие е носење на закон за противправно продолжување на мандатот на Кацарска судиите и Русковска обвинителите кое владејачкото мнозинство се обидува шверцерски да го протурка. Ова веќе ги преминува сите граници, ова веќе е класичен пример за кривично дело. Повикуваме Јавното обвинителство да реагира, а во исто време бараме да се симне имунитетот на пратеникот Арбер Адеми и да одговара за насилството во Законодавниот дом. Очекуваме и пратениците од коалицијата на СДСМ и Димитар Ковачевски да излезат од скутот на ДУИ и еднаш барем да се охрабрат и да санкционираат вакво однесување, бидејќи гледаме дека кога едно самоволие и насилство не се санкционира, тогаш уште поголемо се повторува – рече Стојаноска.

Добро утро на сите…

Интересен краток коментар денеска даде и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој на Фејсбук напиша:

„Добро утро на сите, освен на Командант Филџани – Варваринот“, напиша Апасиев, алудирајќи на насилниот ексминистер за образование Арбр Адеми.

Членот на президиумот на Левица, Јована Мојсоска, пак, во разговор за Плусинфо забележува дека цели две децении ниту еден функционер на ДУИ не одговарал кривично.

Јована Мојсоска, Левица: Низата инциденти на функционерите на ДУИ, укажува дека се криминален синдикат кој ја користи агресијата како начин за одржување на власт.

– Милениците на евро-атлантската заедница очигледно дека имаат посебни протекции, а за тоа говори фактот што две децении ниту еден функционер на ДУИ не одговарал кривично – иако биле дел од секоја криминална коалиција на власт. Низата инциденти на функционерите на ДУИ, укажува дека се криминален синдикат кој ја користи агресијата како начин за одржување на власт. Впрочем, новото зелено руво на ДУИ е исмејување на јавноста, бидејќи вистинската идеолошка матрица им е криминалот, корупцијата и насилството. Сега, како и за инцидентот со Талат Џафери, нема осуда од претставниците на „меѓународната заедница” во Македонија и од политизираниот невладин сектор. Во двата случаи, недостатокот на одговор е всушност индикатор за тоа дека ДУИ има одврзани раце од страна на САД и ЕУ, и сите политички асоцијации кои се на нивниот платен список се на страна на насилството на ДУИ и подјармување на принципите на демократијата – вели Мојсоска.

Адеми се извинува

Во изјава за весникот Слободен печат, Арбр Адеми изрази жалење за инцидентот, но вели дека настаните биле испровоцирани од опозицијата.

– Тоа не требаше да се случи. Реформската агенда на ова парламентарно мнозинство и на Владата треба да продолжи и не треба да потпаѓаме на вакви провокации од опозицијата кои се мотивирани од странски агенти за дестабилизација на земјата и за дефокусирање на јавноста од евроинтеграциските процеси. Станува збор за закон кој овозможува владеење на правото и затоа опозицијата сакаше да го оневозможи неговото донесување. Такви сцени не треба да се повторат ни од опозицијата, ни од било кој друг. Жалам за ваквите сцени – вели Адеми.

Тој вели дека опозиционерите се обиделе да го спречат гласањето за дневниот ред и дека имало насилство врз него.

– Сите пратеници имаат партиска агенда, но таа не смее да биде на штета на институциите и граѓаните. Додека го држев микрофонот на сила ми го зедоа и физички ме повредија. Овие сцени се за жалење – вели Адеми

За целиот инцидент тој го обвинува Антонио Милошоски.

– Тој (Милошоски) е под влијанија на странски служби и ја загрозува проевропската иднина на Македонија. Познато е дека е против албанското образование и дека е бугарофил – вели Арбер Адеми за „Слободен печат“.

Ем тепани, ем виновни

Од владејачката СДСМ не гледаат ништо спорно во фрлањето тацни и шолји во Собранието, но ја обвинуваат опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека жестоко ги брани криминалците на режимот и дека секогаш е против функционален судски систем.

– Партијата ВМРО-ДПМНЕ вчера се обиде да испровоцира и физички да се пресмета на седницата на Комисијата за европски прашања. ВМРО-ДПМНЕ не сака да го реши проблемот со недостиг на судии со цел за да се намали ефикасноста на судскиот систем. ВМРО-ДПМНЕ се труди да ја блокира собраниската Комисија и да не им се продолжи мандатот на судиите. Пратеникот Антонио Милошоски, за кого има веќе неколку предмети, е главен иницијатор на тензиите во Собранието, можеби затоа што лично е засегнат. Ако досега не му беше јасно на ВМРО-ДПМНЕ треба да му стане јасно, никој нема да побегне од правдата. СДСМ и парламентарното мнозинство нема да дозволат хаос, нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ да ги спасува криминалците, секој што се огрешил пред законот ќе одговара – велат од СДСМ.

Особено интересно и истовремено тажно е тоа што пратеничките од СДСМ, Даниела Николова и Љубица Спасова, цврсто застанаа зад насилниот Арбр Адеми кој вчера фрлаше со тврди предмети кон пратениците од опозицијата, нарекувајќи го „најдобриот претседател на Комисијата за европски прашања“.

Сличен е ставот и на интегративците, кои велат дека најостро го осудуваат насилството на седницата на Комисијата за европски прашања, но како што потенцираат, насилството го извршиле пратениците на ВМРО-ДПМНЕ заедно со пратениците на Алијанса за Албанците.

– Секогаш кога тема на расправа и на дневен ред во Собранието е воспоставувањето правда во државата, ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците провоцираат вербално и физичко насилство со цел да го заштитат криминалот и секогаш се појавуваат против правилното функционирање на правосудниот систем. На седницата на Комисијата за европски прашања уште еднаш се докажа дека ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии употребуваат насилство за да ја блокираат работата на Комисијата и тоа токму пратеници кои се под истрага поттикнаа инцидент и ја прекинаа седницата – велат од ДУИ.

Свој коментар даде и министерот за економија, Крешник Бектеши.

„Политичар каков што е Антонио Милошовски, кој ништо, ама баш ништо нема придонесено за оваа држава, освен поделба, национализам и омраза, ниту, пак, ѝ дал на Македонија нешто вредно што треба да се памети, единствено по што ќе остане запаметен во времето е кога за него Албанците не требаше да имаат образование, уште помалку високо образование. Антонио, твоето време одамна помина, за личност каква што си ти во држава која е членка на НАТО воопшто не би требало да има место на политичката сцена“, порача Бектеши на Фејсбук.

Се заканувал со кршење раце и нозе

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, го пријавил во полиција функционерот на ДУИ, Вaлмир Азири, државен секретар во Министерството за култура, за синоќешните искажани закани со физичко насилство кон Милошоски кои воедно се и говор на омраза.

Азири синоќа преку Фејсбук напиша статус кој содржи закани и говор на омраза.

Тој подоцна го избришал статусот на Фејсбук, но напишаното веќе беше пренесено од многу медиуми.

„Антиалбанец како Антонио Милошоски заслужува повеќе. Помина времето на продавачите на магла. Новите генерации Албанци ќе им ги скршат рацете и нозете на сите што ќе се обидат да ги омаловажат Албанците“, напиша вчера Азири.

Поврзани содржини