УРЕДНИЧКАТА НА ТЕЛМА ВО ПОЛИЦИЈА Телевизијата тврди дека ја повикале на распит заради вест која не ја објавиле
ССНМ и ЗНМ за случајот со полициско повикување на уредничка на Телма: Повикување новинари во истраги може да води кон цензура и самоцензура
Полициски службеници во два наврати на лична адреса ја барале уредничката на Телма, Весна Јовановска Дојчиновска, по наредба на обвинител, за да учествува во распит за информација која воопшто не била објавена на ТВ Телма и на дигиталните сервиси на телевизијата.
– По вторпат, член на семејството на новинарката ја примил поканата за распит кој се однесува на кривична постапка во која се опфатени други луѓе, а ниту обвинителството ниту полицијата не провериле дали спорната содржина е објавена на Телма. Покрај тоа, ТВ Телма во допис го има известено надлежниот инспектор на СВР Скопје кој работи по наредба на обвинител на ОЈО-Скопје, дека на спорниот датум (28.02.2022.) воопшто нема таква содржина објавена во вестите коишто ги уредувала Дојчиновска-Јовановска. Станува збор за кривична пријава за дело „Предизвкување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна и друга дискриманторска основа“ од член 319 од Кривичниот законик, која Марјан Арсовски ја има поднесено против Љубомир Фрчковски – велат од Телма.
Понатаму од Телевизијата објаснуваат дека по пријавата, обвинителот на предметот, повикувајќи се на пријавителот дека спорната содржина е објавена на Телма (што воопшто не е точно) издал наредба до МВР да се испитаат кривичните наводи, да се обезбедат снимки од вестите на 28.02.2022. во 15:30 и во 18:30.
– Телевизија Телма по добивање на барањето на почетокот на мај веднаш одговори на припадникот на МВР задолжен за предистражната постапка дека не постои и нема таква информација објавени на вестите на Телма на посочениот датум.Во наредбата на обвинителот е наведено и дека треба „да се утврди кој бил уредник на вестите во 15:30 и 18:30 часот на ден 28.02.2022., а потоа со истиот да се обави службен разговор на околности во врска со поднесената пријава“. Иако е испратен прецизен одговор дека не постои таква информација во објавите на ТВ Телма (доставено е и ЦД со снимките на вестите); и полицискиот службеник и обвинителот продолжиле да бараат нешто што не постои односно откако ги дознале податоците за уредничката во конкретниот ден и за нејзината адреса, испратиле покана преку полициски службеници кои во два наврати во неделата и понеделникот биле на адресата и ја барале Јовановска-Дојчиновска (која во еден од тие термини беше на работното место и беше уредник на викенд вестите на ТВ Телма) – тврдат од Телевизијата.
Новинарката Соња Колевска-Делевска од порталот sdk.mk минатата недела беше повикана во полициската станица Беко во Скопје на „службен разговор во врска со поплака“ за објавен текст, објави sdk.mk. Поканата за службен разговор ѝ била доставена од вооружени полицајци на домашна адреса.
Лицето која ја пријавила поплаката била државна службеничка, раководителка на едно од местата во Министерството за правда, која според пријавата против Делевска, почувствувала вознемиреност по нејзиното здравје и по угледот, по објавен текст во sdk.mk. Раководителката од Министерството за правда воопшто не спомната со име и презиме во објавениот текст на 27 април 2022 година на порталот sdk.mk.
ССНМ и ЗНМ за случајот со полициско повикување на уредничка на Телма: Повикување новинари во истраги може да води кон цензура и самоцензура
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагираат на постапувањето на Основното јавното обвинителство (ОЈО) и Министерството за внатрешни работи (МВР), овој пат поврзано со Весна Јовановска-Дојчиновска, уредник во Телма Телевизија.
Обвинител при скопското обвинителство отворил предмет по пријава за говор на омраза на граѓанин кон друг граѓанин, и со цел да ја истражи и поткрепи пријавата со докази издал наредба МВР да ги обезбеди емитуваните аудио и видео материјали од Телма телевизија, но и наредба за информативен разговор со уредничката Весна Јовановска-Дојчиновска. Полицијата неколку пати ја побарала на домашна адреса, но без да соопшти детали за што точно треба да се јави во полициска станица.
Оттука, ССНМ и ЗНМ ја оценуваат за проблематична постапката преку која МВР, но и ОЈО инволвираат новинари кога постапуваат во случаите без истите да ги информираат зошто се повикуваат на службени разговори.
Потенцираме дека сите меѓународни регулативи, стандарди и препораки укажуваат на тоа дека кога органите на прогонот веќе постапуваат во случај кој вклучува новинар, тоа треба да го направат на начин што преземените овластувања не смеат да имаат ефект на заплашување, заканување или ограничување на слободата на новинарите и медиумите. Дополнително, МВР и ОЈО најмалку што можат да сторат е да стапат во контакт и да ги разјаснат околностите на транспарентен начин, во спротивно ова може сериозно да влијае врз условите во кои новинарите си ја вршат својата работа.
Овој случај е уште еден аргумент зошто е потребно посебно одделение во рамки на ОЈО кое ќе третира предмети и случаи во кои се инволвираат новинари и медиумски работници. Потсетуваме дека потребата од континуирана едукација и усовршување на знаењето на обвинителите во заштита на новинарите е обврска на државата како членка на Советот на Европа.
Укажуваме дека и кој било граѓанин доколку е незадоволен од начинот на известување во медиумите на располагање ги има саморегулативните механизми. Секоја друга форма и законска можност примената од правосудните органи може да води кон цензура и самоцензура, но и одредена форма на заплашување и предизвикување страв, со што се става црна дамка на демократското владеење, се вели во соопштението.