ФУНКЦИОНЕРИ НА СДСМ И НА ДУИ ИСПУМПУВАЛЕ БУЏЕТСКИ СРЕДСТВА ПРЕКУ УЈП Мицкоски бара од надлежните да ја испитаат аферата
Го повикувам МВР, го повикувам Обвинителството за организиран криминал да излезат со имиња, со јасна и прецизна динамика како ќе се спроведе законот за овој криминал и за оваа пљачка. Во спротивно ако тие не го сторат, ние јавно ќе ги обелодениме фирмите и начинот на кој што сето е ова правено и кои се тие високи партиски функционери кои што учествувале и од ДУИ и од СДСМ, изјави Мицкоски.
Злосторничката здружина свесно се здружила со намера да го оштети Буџетот. А, според нашите информации таму се вплеткани високи функционери на СДСМ и ДУИ. Ако ме прашувате како тоа функционирало еве ќе се обидам да објаснам, имаме субјект А која што е инстант компанија и која што генерира фиктивни побарувања од УЈП за поврат на данок на додадена вредност, и фирма Б односно субјект Б кој што долгува на УЈП по основ на данок на додадена вредност. Фирмава А инстант компанија отворено со фиктивни фактури и приоѓа на фирмава Б и и вели дај да се прибиеме со цесија односно нити тие мене да ми вратат, нити вие да платите. Нормално, со определен надомест. И тогаш што се случува? Тие се прибиваат ниту овие што должат на Управата фирмата Б плаќа, нити фирмата А добива официјално поврат на ДДВ, а фирмата Б нормално за одреден надомест ја прифаќа оваа услуга од фирмата А. тоа е ската суштината, и на тој начин никој од Управата поточно од скопската дирекција, тука можеби детали може да ви каже и една актуелна пратеничка на СДСМ која што сега е пратеник, а порано беше директор на скопската подружница на Управата за јавни приходи. Или пак има еден господин кој што доаѓа мислам дека општина Ранковце близок до поранешен висок функционер на СДСМ, а сега министер можеби тој кој што е сега актуелен директор на скопската дирекција на УЈП може да ви каже детали. Или пак самата директорка на УЈП или нејзиниот заменик може да ви ги каже деталите, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со аферата за фиктивно испумпување на пари од УЈП.
– Тоа преставува можеби би рекол организирана група која што злосторнички се здружила и лесно ги крадела граѓаните, односно го оштетила Буџетот. А, според наши информации некаде помеѓу 20-30 милиони евра. Но, внимавајте за тоа што јас го зборувам постојат дури и докази дека лица вработени во Управата за јавни приходи се повикувани во министерството за внатрешни работи да дадат свој исказ за тоа што јас вчера го зборев. Затоа е многу важно дали МВР ќе излезе со детали, и ќе го спроведува Законот заедно со Обвинителството за организиран криминал или ние тоа ќе го направиме, ќе го обелодениме во јавноста и тоа во детали со имиња и со точни фирми кои што се дел од ова би рекол злосторничка здружина – истакна Мицкоски при посета на општина Радовиш во рамките на активноста „Промените се случуваат, секогаш со народот“.
Мицкоски посочи дека граѓаните се сведоци на сериозно голем криминал во кој што од 20 до 30 милиони евра се во прашање. За 20 до 30 милиони евра е оштетен буџетот, а директно се оштетени преку буџетот и граѓаните на тој начин. А , како што вели тој, високи функционери на СДСМ и ДУИ се вмешани.
– Го повикувам МВР, го повикувам Обвинителството за организиран криминал да излезат со имиња, со јасна и прецизна динамика како ќе се спроведе законот за овој криминал и за оваа пљачка. Во спротивно ако тие не го сторат, ние јавно ќе ги обелодениме фирмите и начинот на кој што сето е ова правено и кои се тие високи партиски функционери кои што учествувале и од ДУИ и од СДСМ – изјави Мицкоски.
Тој од Радовиш уште еднаш го повтори партискиот став за промена во Законот за избори и изгласување на една изборна единица.
На прашање за коментар околу предлогот на Макрон за формирање на нова унија која ќе биде супститут на ЕУ за кој Владата кажа дека е одлична идеја, Мицкоски одговори дека за ВМРО-ДПМНЕ нема замена за полноправното членство на Македонија во ЕУ и каква егзибиција како што е изјава на Владата не е решение.
Тој додаде дека вистинското решение според него е Брисел, ЕУ и политичарите таму да се обединат и да ѝ го испорачаат на Македонија тоа што ѝ е ветувано и конечно да добие датум за почеток на преговорите.
– Ценам дека тоа не е вистинско решение и дека тоа што ѝ е ветувано на Македонија треба конечно Брисел, ЕУ и политичарите таму да го испорачаат, односно конечно сега на овој јунски состанок на Европскиот совет да се обединат исто како што се обединија околу случувањата во Украина и руската агресија, да се обединат овој пат околу Македонија и бугарската агресија и конечно на Македонија да и се даде датум за да ги почне преговорите. Потоа нормално како ние понатаму и колку бргу ќе го одиме тој пат зависи од нас и од нашите компетенции, од нашите вештини и од нашата амбиција колку побргу да го изодиме тој пат. Така што за мене замена за членство во ЕУ не постои – истакна Мицкоски.