МАКРОН РАЗГОВАРАШЕ СО ПУТИН Францускиот претседател изразил загриженост поради опсадата на Мариупол
Францускиот претседател уште еднаш укажал на влошената ситуација во Украина, континуираните напади кои ги погодуваат цивилите и непочитувањето на хуманитарното право, во време кога преговорите меѓу руската и украинската делегација сѐ уште не доведоа до напредок.
Францускиот претседател Емануел Макрон за време на денешниот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин изјави дека е многу загрижен поради ситуацијата во Мариупол, украинскиот град кој последните денови е под постојано гранатирање, соопшти Елисејската палата.
Според соопштението, Макрон „му изразил голема загриженост на Путин во врска со ситуацијата во Мариупол и уште еднаш побарал итен прекин на огнот“, пренесува Ројтерс.
– Претседателот Макрон побара од рускиот претседател конкретни и проверливи мерки за прекин на опсадата на Мариупол, овозможување пристап до хуманитарна помош и итен прекин на огнот – се додава во соопштението.
Францускиот претседател уште еднаш укажал на влошената ситуација во Украина, континуираните напади кои ги погодуваат цивилите и непочитувањето на хуманитарното право, во време кога преговорите меѓу руската и украинската делегација сѐ уште не доведоа до напредок.
На новинарско прашање дали Путин во разговор со Макрон ја обвини Украина за воени злосторства, претставник на Елисејската палата рече дека рускиот претседател го повторил она што веќе го кажал јавно, односно дека уште еднаш „одговорноста за конфликтот ја префрлил на Украина“, според Ројтерс.
Разговорот меѓу Макрон и Путин траеше нешто повеќе од еден час, соопшти Елисејската палата.
Рускиот претседател Владимир Путин вечерва телефонски разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон за ситуацијата во Украина, соопшти Кремљ.
– Се наведува дека рускиот претседател поради загриженоста на Емануел Макрон нагласил дека руските вооружени сили кои учествуваат во специјална воена операција прават сѐ што можат за да ги спасат животите на цивилите – се вели во соопштението.