ВО СТАГФЛАЦИЈА СМЕ! Мицкоски објасни што е тоа
Многумина ќе си го постават прашањето што е сега тоа стагфлација? Многу едноставно - имаме енормно висока инфлација и стагнирање на економијата, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Овие денови слушаме и гледаме како Владата се фали дека направиле да расте минималната плата. Никој од нас, буквално никој од нас нема ништо против таквиот чекор, но суштината е дека тој не е доволен. Инфлацијата од рекордни 6,7 проценти одамна го јаде покачувањето на минималната плата, а проблемот останува и со оние илјадници кои не добија никакво покачување. Власта со невидена леснотија го отфрли предлогот на ВМРО-ДПМНЕ во македонското Собрание за усогласување на платите со коефициентите предвидени со колективните договори, а кои што се однесуваат на сложеноста и тежината на работните места и на работните задачи, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот регионален отчет насловен „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт отчет на ВМРО-ДПМНЕ“.
Мицкоски потенцираше дека граѓаните се соочуваат со стагфација и должничко ропство, укажувајќи дека за три години цената на струјата е покачена за повеќе од 30 проценти, цената на бензините е покачена за повеќе од 60%, зејтинот во овој период е покачен за повеќе од 40%, брашното за 38%, млекото е поскапо за 20 проценти, а платите на граѓаните имаат раст од нула денари.
– И реалниот живот говори дека ако трошоците во 2019 година за едно четиричлено беа околу 32.000 денари, денеска две години потоа на крајот на 2021 година тие изнесуваат 35.000 денари. А, за колку пораснаа платите додека сето ова растеше? Одговорот е нула. Ете затоа имаме сиромаштија, и затоа 500.000 луѓе во Македонија живеат со помалку од 150 денари на ден – нагласи Мицкоски.
Ефектот од сето ова, според него, е стагфлација и должничко ропство.
– Многумина ќе си го постават прашањето што е сега тоа стагфлација? Многу едноставно – имаме енормно висока инфлација и стагнирање на економијата. За само 48 дена од почетокот на 2022 година, оваа Влада направи буџетски дефицит од верувале или не, 164 милиони евра или во проценти 30% од планираниот буџетски дефицит за цела 2022 година. Набргу ќе имаме ребаланс на овој буџет со зголемена потреба за финансирање, што значи дополнителен долг кој нѐ втурнува во уште поголемото должничко ропство. Се разбира кога ќе имате една таква ситуација тогаш првото што ќе им падне на памет е да издадат нова еврообврзницата, механизам со кој ќе ги задолжат и неродените деца. И тогаш претпоставувам изговорот на Владата ќе биде дека требаат пари да се реализираат капиталните инвестиции. Што значи дека парите ги трошат, парите ги крадат, парите ги нема. А, народот и неродените деца ги задолжуваат. На својот грб ова ќе го носи народот. Особено приватниот сектор – додаде Мицкоски.