ВЕДНАШ МИНИМАЛЕЦ ОД 18.000 ДЕНАРИ ИЛИ ШТРАЈК Синдикатите го формираа генералниот штрајкувачки одбор
Од ССМ велат дека дали ќе има генерален штрајк ќе зависи од преговорите на претстојниот состанок со Владата закажан за 31 јануари.
Сојузот на синдикатите го формира главниот штрајкувачки одбор и ги повика синдикатите да се подготват да дадат поддршка на сите облици на притисок и организирање на генерален штрајк.
Според соопштението на ССМ, дали ќе има генерален штрајк ќе зависи од преговорите на претстојниот состанок со Владата закажан за 31 јануари.
Синдикатите организирани во рамките на ССМ имаат две барања до владата.
– Прво, итно донесување на предологот на Законот од ССМ за изменување и дополнување на Законот за минимална плата со кој бараат минималната плата во бруто износ изнесува 26.476 денари или 18.000 денари, висината на минималната плата да не може да биде пониска од 60 отсто од просечната исплатена месечна нето-плата по вработен во последните три месеци и платите на останатите работници задолжително да се усогласат со порастот на минималната плата согласно Закон и колективен договор. Второ, потпишување на Општиот колективен договор за јавен сектор, со кој, како што велат, ќе се врати изгубеното работничко право на регрес за годишен одмор за вработените во јавниот сектор – велат од ССМ.
Штрајкувачкиот одбор во вторник по состанокот во Владата ќе утврди време и начин на изразување на работничкото незадоволство преку спроведување на штрајкот и разните облици за притисок и изразување на работничкото незадоволство, а во зависност од резултатот на преговорите.
ССМ уше еднаш ги повика пратениците веднаш да го изгласаат предложениот Закон од ССМ за зголемување на минималната плата и сите останати плати согласно Закон и Колективен договор.
Предложените измени на законот за минимална плата на ССМ во Собранието ги поднесе пратеничката група на Левица.