80 ГОДИНИ СОЈУЗ НА СИНДИКАТИ До каде стасаа правата на работниците?
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денес ги обединува и застапува зедничките општествени, економски и социјални интереси на членството и работниците, а во ССМ се здружени 18 синдикати.
Со свечена седница, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска одбележа 80 години од своето формирање, истакнувајќи го јубилејот како значаен момент во историјата на македонското синдикално движење.
Како најсилен, најброен и најрепрезентативен синдикат во државата, беше посочено, ССМ осум децении наназад ги застапува правата и интересите на работниците, учествувајќи во креирањето на работничките политики и во унапредувањето на социјалниот дијалог.
На свечената седница присуствуваа актуелното раководство на ССМ, претставници на гранските синдикати, поранешни претседатели на Сојузот на синдикати, членови, поддржувачи и гости, кои се осврнаа на развојот на синдикалното организирање во земјата и на предизвиците со кои се соочуваат работниците денес.
Во обраќањето пред присутните, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, се осврна на значењето на јубилејот, на постигнувањата на синдикатот во изминатите децении и на заложбите за подобрување на работничките права и животниот стандард. Тој потсети на пораката што стои во архивските записи од Првиот конгрес во 1946 година.
-Работникот мора да има свој организиран глас, за да ја брани социјалната правдата и достоинството – порача Трендафилов.
На седницата беше истакнато дека историјата на ССМ е нераскинливо поврзана со борбата за достоинствена работа, повисоки плати, безбедни услови за работа и почитување на работничките права.
Од ССМ порачаа дека јубилејот е можност да се оддаде признание на генерациите синдикалци кои придонеле за развојот на организацијата, но и поттик за продолжување на синдикалната борба во интерес на работниците и во наредниот период.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) е основан во 1946 година и претставува најстар и најрепрезентативен синдикат во државата. Низ своето осумдецениско постоење, тој ја задржа улогата на главен национален социјален партнер и заштитник на економските, социјалните и работничките права на работниците.
По осамостојувањето на земјата, ССМ се трансформираше во модерна организација во која доброволно и демократски се здружуваат гранските синдикати.
Од оваа работничка организација подоцна се издвоија повеќе самостојни синдикати кои денеска имаат значајна улога во одбраната на правата на работниците.
Организацијата денеска обединува 18 грански синдикати со десетици илјади членови и е потписник на клучните колективни договори во јавниот и приватниот сектор.