ОПАСНОСТ ОД 20 ТОНИ ВИСИ НАД МАТКА Можен е одрон на карпа, Ангелов вели да се избегнува алпинизам над дел од браната (ФОТО)
Центарот за управување со кризи денеска предупреди дека е можен одрон на карпа тешка околу 20 тони која се наоѓа над браната во кањонот Матка и предупреди да се избегнува посочениот дел за алпинизам и за возење со чамци.
Центарот за управување со кризи доби известување од ЕВН за нестабилна карпа во реонот на кањонот Матка, што се наоѓа стотина метри високо над самиот ѕид на браната. Оваа карпа се наоѓа во ваква позиција долго време, според добиените фотографии може да се забележи одредена нестабилност, а ние како институција испративме барање до повеќе релевантни институции коишто треба да излезат на терен, информираше денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
– Се работи за карпа којашто според првичните информации е шест до осум метри кубни и тежината ѝ е околу 20 тони. Се работи за голема кинетичка енергија. Кога оваа карпа би паднала во браната има неколку потенцијални правци на движење. Бидејќи самата карпа се наоѓа блиску до сртот и врз нејзиниот правец можат да влијаат повеќе фактори. Воедно при лизгањето на оваа карпа можат да бидат предизвикани лавина од други камења и карпи што би паднале најверојатно во водата во близина на ѕидот. Од првичните информации што ги имаме од ЕВН овие карпи не би ја загрозиле самата брана и ѕидот, но ние дополнително сакаме да ги провериме ваквите податоци – вели Ангелов.
Директорот на ЦУК посочи дека карпата може да остане на истото место уште 100 години, но како институција којашто на прво место ја става безбедноста на граѓаните, тој вели дека се должни да ги известат институциите.
– Ги известуваме Министерството за внатрешни работи, Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Градежниот факултет од Скопје, каде што има неколку врвни експерти кои работат на ваква проблематика, Геолошкиот завод, Државниот инспекторат за животна средина, Дирекцијата за заштита и спасување, Град Скопје и Општина Сарај, како и планинарската и алпинистичката федерација која го користи овој правец. Ја информиравме компанијата која стопанисува со чамците што пловат низ Матка, полни со туристи и препорачуваме да се избегнува местото на предниот дел близу до браната поради оваа многу мала можност на одрон од карпата – вели тој.
Информациите со коишто располага Центарот покажуваат дека со децении на исти места се случуваат одрони и оти не се преземени најсоодветни мерки. Како институција тие ќе вршат притисок ваквите места да бидат обезбедени.
– Затоа сите места на коишто постојано се појавуваат одрони треба многу сериозно да бидат сфатени и да се преземат многу хируршки, темелни зафати со коишто опасноста ќе биде отстранета. Ние не треба да дозволиме некој да загине за да се преземат соодветни мерки. Но, повторувам, оваа појава трае 50 години не е од сега иако институциите се обидуваат и дејствуваат на тие места – додаде тој.