ДАЛИ И НА ВАС ВИ Е ВИСОКА СМЕТКАТА ЗА СТРУЈА? Граѓаните се жалат на високи сметки, ЕВН смирува ќе ги порамниме

Од ЕВН признаваат дека во овој период е забележан и пораст на бројот на корисници кои бараат корекција на фактура, но не соопштуваат бројки.

7,473

Првоаприлска шега во јануари или навестување дека струјата веќе не е евтин енергенс за затоплување, коментираат граѓаните кои добија декемвриски сметки со повисоки износи од вообичаено за зимскиот период. Тие што се топлат на струја велат дека добиле двојно повисоки сметки за декември, а некои од нив веќе реагирале во ЕВН и во регулаторната комисија за енергетика и очекуваат корекција на сметката.

Од ЕВН, пак, велат дека ниските температури се причина за поголемата потрошувачка на струја и повисоките сметки. Тврдат дека нивните екипи редовно ги читаат струјомерите и дека така било и за овој месец. Оттаму им препорачуваат на граѓаните сами да ги читаат струјомерите и доколку забележат разлика во фактурата да реагираат електронски или директно во Корисничките енергоцентри на ЕВН.






– 200 евра сметка за декември ниедна зима не сум платил. Во зимските месеци секогаш сметката доаѓала до 100 евра, но сега е двојна. Инаку веќе неколку години се топлиме на инвертер и сметките се многу пониски од порано, но годинава не е така. Нешто се случило, дали не е прочитано броилото или има друга причина, но немаме некои дополнителни трошоци на струја. Не реагирав, но мислам дека треба бидејќи не е мала разликата – вели жител на Ѓорче Петров.

Друг скопјанец, пак, се сомнева дека задолжените да ги читаат сметките не доаѓаат навреме да ги прочитаат или пишуваат паушални износи.

– Како поинаку да ја прокоментирам новата сметка за струја. При релативно топол декември јас треба да платам двојно повеќе од минатиот декември. Ова е или јануарска шега или потсетување дека ќе има нова цена на струјата. Но очекував повисока сметка во февруари со покачувањето на цената од јануари. Но, мислам дека најверојатно човекот кој треба да го отчита струјомерот или фатил корона или добил мрза па не дошол да ја заврши работата – вели тој.

Од ЕВН велат дека декемвриските сметки се повисоки поради ниските теператури и користењето на струјата за затоплување.

– Поради ниските температури потрошувачката на електрична енергија е многу поголема и корисниците автоматски добиваат повисоки фактури – велат од компанијата.

Оттаму признаваат дека во овој период забележуваат и пораст на бројот на корисници кои бараат корекција на фактура, но не секогаш е поради повисока сума што треба да ја платат.

– Претпоставената фактура не значи по автоматизам повисока фактура за електрична енергија. Истата може да содржи и пониски претпоставени вредности на потрошувачка. Но, ЕВН нема никогаш да наплати повеќе од она што корисникот го има потрошено. Доколку поради некоја причина не било возможно отчитување на броилото, со наредното отчитување ќе се порамни потрошувачката во зависност од тоа дали корисникот потрошил повеќе или помалку од последната претпоставена фактура – велат од компанијата.

Од ЕВН тврдат дека секој месец ги отчитуваат броилата иако Законот за енергетика, „Мрежни правила и Правила за снабдување“ е пропишано отчитувањето на броилата да се извршува еднаш годишно.

– Броилото се случува да не се отчитува поради различни причини: корисникот е отсутен (не е дома или во објектот), спречување на екипите за отчитување од страна на корисникот, непристапност до мерното место поради тешките временски услови, боледувања, годишни одмори итн. Отчитувачите на ЕВН се категорија вработени кои најчесто имаат контакт со корисниците и со тоа се најизложени на опасност од зараза со корона вирусот – велат од ЕВН.

Оттаму им препорачуваат на граѓаните редовно сами да ги читаат броилата и да ја информираат компанијата по електронски пат.

– Корисниците кои при самостојно отчитување на броилото ќе утврдат дека имаат помала или поголема потрошувачка на електрична енергија во споредба со вредностите на фактурата, како и секогаш може да се обратат за корекција преку е-пошта на [email protected], телефонски на 089 089 089 и во приемните канцеларии на корисничките енерго центри на електродистрибуција. Потрошувачката што ќе ја пријават треба да биде во висока и ниска тарифа – објаснуваат од Компанијата.

Покрај во ЕВН, повисоките сметки или неточно отчитаните броила граѓаните можат да ги пријават и во Регулаторната комисија за енергетика.

Поврзани содржини