Ѓоковиќ го освои турнирот на правдата, тенискиот веќе не е најбитен
„Независниот и непристрасен суд е тој којшто ги штити поединците и државата од самоволието на извршната власт. Земјите што тоа го немаат, изложени се на такво самоволие. Ова е добра вест за правото и правдата“, коментира професорот Тони Десковски. Потпишувам.
Србинот Новак Ѓоковиќ ја доби жалбата на одлуката да му се одбие визата пред турнирот Австралија опен. Федералниот окружен суд на Австралија го поништи укинувањето на визата и ѝ нареди на австралиската влада да ги плати судските трошоци и да го ослободи Ѓоковиќ од притвор.
Мошне е веројатно австралискиот министер за имиграција да го искористи своето дискреционо право на светскиот рекет број 1 сепак да му ја укине визата. Тој има право на тоа. Но, останува впечатокот дека Ѓоковиќ извојува голема битка со австралиската држава. Неговото учество на Австралија опен сега е од второстепено значење.
Што стори, всушност, Србинот?
Мислам дека тоа најдобро го објаснува професорот Тони Десковски, кој на Фејсбук напиша:
„Ѓоковиќ успеа да го добие она што е најнеопходно во битката со австралиските гранични власти: еднаквоста на оружјата. Потоа, во правната битка, сѐ се сведува на утврдување на фактите од судот и на примена на правилата на тие факти. А во изминатите денови веќе излегоа факти кои австралиските органи не сакале да ги видат. Но, судот не е слеп. Независниот и непристрасен суд е тој којшто ги штити поединците и државата од самоволието на извршната власт. (Земјите што тоа го немаат, изложени се на такво самоволие). Ова е добра вест за правото и правдата.“
Во овие неколку дена прочитав многу жестоки критики на сметка на австралиските власти. Во голем дел, беа тоа оправдани критики. Односот на државата кон Ѓоковиќ, но и кон неколку други тенисери пред Австралија опен, покажа дека и во една развиена демократска земја има слабости, арбитрерно одлучување и непочитување на сопствените правила на игра. Србинот реши да ја покаже таа слабост и да ја истера правдата.
Сепак, добрата вест е тоа што на дело се потврди дека во Авсралија има независно судство. Судијата Ентони Кели одлучуваше суверено и врз основа на фактите. Почитувајќи го принципот на поделба на извршната и на судската власт, австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека случајот со српскиот тенисер е работа на судот и одби да ја коментира судската одлука. Системот ќе се потврди дури и во случај министерот за имиграција да го искористи своето дискреционо право и да одлучи спротивно на судот, бидејќи законот тоа му го дозволува.
Накусо, Ѓоковиќ ги предизвика перформансите на австралискиот правен систем, а тој, системот, покажа дека сепак, функционира. Наспроти несовршеностите на одлучувачите. Наспроти сѐ.
Што се однесува до Новак Ѓоковиќ и до неговиот став кон вакцинирањето, тука секако не сме на иста линија. Јас ја прележав опаката болест кога немавме вакцини и потоа се вакцинирав. Колку што можев, јавно лобирав за што поголем опфат на вакцинацијата. Би сакал и мојот омилен тенисер да е вакциниран и да нема вакви проблеми во кариерата. Но, не мислам дека имам право некому да наметнувам став, најмалку пак јавно да му судам.
Централната тема на оваа австралиска драма со Ѓоковиќ, всушност, воопшто и не беше антиваксерството како фемномен.