ДОЛЖНИЧКА ПАНДЕМИЈА ВО ДРЖАВНИОТ СЕКТОР Милионски суми должат болници, општини, но и министерства!
На најновата должничка листа за третиот квартал од годината, доспеани, а неподмирени обврски пријавиле 816 државни субјекти од различни сектори, во вкупен износ од 329,4 милиони евра, анализира порталот Порталб.
Пет министерства на крајот од третиот економски квартал пријавиле доспеани, а неплатени обврски во износ повисок од 300.000 евра, а вкупно 15 ресори се наоѓаат на новата „должничка листа“ што ја објавува Министерството за финансии. На листата повторно се голем број на здравствени установи, болници, клиники, училишта, институции од културата. Порталб веќе ги објави доспеаните долгови на државните агенции, државните фирми, општините, јавните претпријатија.
Од министерствата, најголем износ на доспеан, а неплатен долг, од 860.600 евра, има Министерството за култура. Неподмирени долгови имаат и Министерството за правда во износ од 573.100 евра, Министерство за надворешни работи 486.500 евра, Министерство за образование и наука 452.000 евра, Министерство за здравство 295.500 евра, Министерство за економија 202.000 евра, додека Министерство за информатичко општество и администрација должи 184.500 евра, а Министерство за земјоделство 184.300 евра. И Министерството за внатрешни работи пријавило обврски во висина од 171.600 евра, додека Министерството за одбрана должи 90.500 евра.
Со долгови пониски од 30.000 евра се министерствата за животна средина, за политички систем, за финансии, за економија – Биро за метрологија и за локална самоуправа.
Вкупните обврски на јавните здравствени установи изнесуваат 62,1 милион евра и за три месеци, во споредба со вториот квартал, се зголемени за околу 1,5 милиони евра.
Конкретно, од универзитетските клиники во земјава со највисоки износи на долгови има Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство со доспеани обврски во износ од 3,5 милион евра, Универзитетска клиника торакална хирургија должи 2,7 милион евра, додека клиниките за хематологија и за неврологија пријавиле обврски во износ од околу 2,2 милиони евра.
На должничката листа се болници речиси од сите градови во земјава: Градската општа болница 8 Септември (4,4 милиони евра), Општата болница во Куманово (3,1 милионо евра) и болниците во Охрид, Битола, Струга и КИчево, со долгови од 2,9 до 1,95 милиони евра.
Долгови имаат и институциите на културата. „Драмски театар“ од Скопје пријавил долг во износ од 90.000 евра, „Албанскиот театар“ од Скопје 37.600 евра, а „Театар комедија – Скопје“ имал досепани, а неплатени обврски во износ од 15.500 евра. Уште четири театри пријавиле дека на крајот од третиот квартал имале доспеани обврски, кои не се платени навреме.
Од поголемите државни фирми и акционерски друштва, долгови во износ од 1,4 милион евра пријавила „Македонска пошта“ и АД ЕЛЕМ. Националниот радиодифизер МРТ должи 3,7 милион евра, а државното АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор – 2,3 милион евра.
На должничката листа, меѓу првите 50 најголеми должници, се поголем број општини, со пријавени милионски долгови – Тетово, Охрид, Гостивар, Карпош, Делчево, Струга, Кавадарци…
На најновата должничка листа доспеани, а неподмирени обврски, пријавиле 816 државни субјекти од различни сектори во вкупен износ од 329,4 милиони евра, при што во однос на вториот квартал од годинава има намалување на долговите за 2,5 милиони евра, пред се поради намалување на долговите на јавните претпријатијатија и на државните фирми. Зголемување на доспеаните, а неплатени обврски има кај општините, кај општинските јавни комунални претпријатија, но и во здравството.