ТОРБА НОСИ, КЕСА НЕ ПРОСИ! Кесите се лош еко-имиџ, а не статусен симбол
Од 15-те денари за една кеса, 18 отсто ќе одат како ДДВ, а останатите 12,3 денари ќе влезат во нов Фонд во Министерството за животна средина, кои потоа ќе се користат за подобрување на животната средина и за поддршка на реформите на производителите на кеси.
Главната цел со новите измени на Законот за управување со отпад не е да се земаат пари од граѓаните, туку едноставно сакаме да го промениме начинот на пазарење, па така граѓаните да помогнат во намалувањето на загадувањето на животната средина, затоа што сите ние го посакуваме тоа, рече министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на денешниот брифинг со новинарите.
Министерот потенцираше дека наплатата за биоразградливите кеси е да се подигне јавната свест за користење на платнени торби, односно да се намали употребата на пластика, затоа што микропластиката е штетна за почвата и водата и оти со вакви закони и чекори сакаат да го заштитат здравјето на граѓаните.
Инаку од денес во сите продавници, маркети, како и на пазарите, наместо досегашните 2 денари на потрошувачите за една кеса ќе им се наплатува по 15 денари.
Нуредини истакна дека ова не е новитет и не е донесено преку ноќ, туку во 2013 година е донесен членот 10 од Законот за управување со отпад и дека законот не е променет, туку е воведена само поголема наплата.
– Стандардите остануваат исти како што се во стариот Закон за управување со отпад. Тоа значи дека производителите можат да продолжат да продуцираат пластични кеси со вакви стандарди, кои се биоразградливи до 1 јуни 2023 година – рече Нуредини.
Намалувањето на употребата на пластиката во секојдневието е идејата на оваа промена.
– Од овие 15 денари, 18 отсто ќе одат како ДДВ, а останатите 12,3 денари ќе влезат во нов Фонд во Министерството за животна средина. Ние ќе информираме во првиот квартал од 2022 колку средства имаме во тој Фонд од продажбата на кеси и што ќе направиме со тие средства кои ќе бидат наменети за подобрување на животната средина. Исто така, дел од тие средства ќе бидат насочени и кон производителите на кеси кои ќе треба да ги приспособат своите производи кон новите стандарди – информира министерот.
Прашан дали ќе се променат пластичните амбалажи, министерот појасни дека тие веќе се плаќаат преку системот за проширена одговорност на производителите.
– Цената што сакаше да ја зголеми Владата беше 10 денари за кеса, пратениците бараа 20, ставот на крајот излезе 15. Идејата не е да се акумулираат средства, туку да нема пластика во храната и во водата. Тоа е поентата на ваквите закони и мерки – рече Нуредини.
Министерот потсети дека согласно Законот за општествена одговорност производителите кои користат амбалажи на годишно ниво плаќаат надоместок. Тој надоместок го собираат колективните собирачи на отпад кои потоа имаат одговорност со тие средства да набавуваат садови за рециклирање и селектирање на отпад. Клучно е граѓаните што повеќе да селектираат отпад за да се зголеми бројот на поставени контејнери за селекција на отпад, а со тоа да се зголеми и рециклирањето што ќе придонесе за заштита на животната средина.
Нуредини рече дека засега не е донесена одлука за промена на цената на кесите за отпад, затоа што тие веќе се произведуваат по одредени стандарди. Тој појасни дека во иднина ќе се носат закони кои ќе придонесат за намалување на употребата на пластика.