КАКО ШТО РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ… Синдикалците задоволни од преговорите со Филипче
„Jас сум вакциниран и не гледам зошто и другите да не се вакцинираат“, изјави по преговорите со министерот за здравство претседателот на ССМ Дарко Димевски.
Oд моментот на донесување, мерката да важи не после 10 туку после 15 денови, со цел да се остават уште неколку денови за едукација на членството во синдикатите. Да бидат дадени два слободни платени денови на денот на вакцинација после претходна најава. Тие коишто не сакаат да се вакцинираат, да прават ПЦР тест секоја недела, но на трошок на работодавците.
Ова се трите барања што претставниците на синдикатите му ги соопштиле на министерот за здравство Венко Филипче, пред седницата на Владата на која ќе се расправа за мерките, јави МИА, повикувајќи се на ицзјава на Филипче, по состанокот со претставниците на Сојузот на синдикатите на Македонија и на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
Филипче појасни дека препораката за вакцинирање важи за вработените во јавните и во приватните институции. Правен основ за задолжителна вакцинацијата на здравствените работници има во Правилникот за имунопрофилакса.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димевски, рече:
– Jас сум вакциниран и не гледам зошто и другите да не се вакцинираат. Како што кажа министерот, утре на седница на Владата ќе се разговара за нашиот предлог каде велиме дека доколку работникот не може или не сака да се вакцинира, тие ПЦР тестови, за да може тој да ги врши неговите работни задачи, да паднат на товар на работодавачот, што е сосема фер.