ПАНДЕВ КАПИТЕН НА ДЕБИТО НА ШЕВЧЕНКО Џенова загуби од Рома предводена од Мурињо (ВИДЕО)
Македонецот го започна натпреварот од првата минута, но не успеа да направи премногу затоа што домаќинот имаше само еден шут кон голот на „римската волчица“ во текот на целата средба.
Екипата на Џенова на домашен терен доживеа пораз од Рома (0-2) и по тринаесет одиграни кола останува на една од позициите кои следната сезона носат во понизок ранг.
Горан Пандев ја доби довербата од новиот тренер Андреј Шевченко и на дебито на Украинецот ја носеше капитенската лента. Тргна од првата минута, но не успеа да направи премногу затоа што домаќинот имаше само еден шут кон голот на „римската волчица“ во текот на целата средба.
Рома имаше игра, држеше топка, а постигна три гола од кои два беа признаени. Првиот гол падна уште во 16. минута по еден одличен шут на Михтарјан, но топката удри во раката на Абрахам пред да заврши во мрежата и судијата Ирати го поништи. Двоен стрелец беше „златната замена“ Феликс Афена-Гјан. Офанзивецот влезе во игра во 75. минута, во 82. минута успеа да го матира Сигиру за 0-1, а пред самиот крај на мечот, во 94. минута погоди и за 0-2. За играчот кој има 18 години овие два гола беа први во Серија А во кариерата.
Ова беше прва меѓусебна пресметка на Пандев и Мурињо по соработката во Интер. Рома ја забележа седмата победа и е петта во калчото. Џенова, пак, има една победа, шест нерешени и шест порази, а првиот триумф по долго време ќе го бара следната рунда на гости кај Удинезе на Илија Несторовски.