СЕ ЧЕКА СНЕГОТ Зимската служба на штрек

Коловозните ленти при одржувањето во зимски услови ќе се расчистуваат според приоритети, како што се критичните точки, пристапите до објектите од витално значење за граѓаните и сообраќајниците од посебно значење за функционирање на сообраќајот и стопанските објекти

371

Зимската служба на Град Скопје од денеска е ставена во функција, а со тоа и координираните активности за зимско одржување на улиците во надлежност на Град Скопје, врз основа на Програмата усвоена од Советот и средствата предвидени во Буџетот.

Носител на активностите за зимското одржување на улиците ќе биде ЈП „Улици и патишта“ со целокупната механизација и расположливиот кадровски потенцијал.






Како што информираат од Град Скопје, со Програмата се предвидени обемот, динамиката и нивото на одржување на улиците со цел обезбедување непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на градските сообраќајници во зимски услови.

– Коловозните ленти при одржувањето во зимски услови ќе се расчистуваат според приоритети, како што се критичните точки, пристапите до објектите од витално значење за граѓаните и сообраќајниците од посебно значење за функционирање на сообраќајот и стопанските објекти. Преостанатите јавни претпријатија се задолжени во рамки на Програмата и своите надлежности да обезбедат механизација и опрема, а имаат изготвено и посебни подпрограми за расчистување на јавни површини во зимски услови – соопшти Градот.

Кризниот штаб, апелира до граѓаните, урбаните заедници, куќните совети и претпријатијата, благовремено да преземаат мерки за отстранување на возилата од коловозите, расчистување на пешачките приоди, приодите до објектите и покривите на објектите. Во спротивно, полицијата и комуналните инспектори, врз основа на Законот за јавна чистота ќе изрекуваат казни.

Воедно апел испраќаат и до возачите да ја почитуваат законската регулатива за задолжително користење зимски пневматици, со што ќе придонесат во организирањето на оптималната безбедност на сообраќајот во зимски услови.

Зимската сезона почнува денеска, а завршува на 15.03.2022 година.

Поврзани содржини