ХОЏА СИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА Вчера ни се случи холивудски филм во Собранието
Очекуваме во понеделник да се појави пратеникот Кастриот Реџепи и да ги објасни своите постапки, а ако неговата одлука да не гласа за недоверба на владата била негова лична одлука, тоа значи дека одлуката не е во согласност со одлуката на Движењето Беса и ќе мора ние како партија да преземеме соодветни мерки, рече Аријанит Хоџа на денешната прес-конференција.
Поднесувам оставка од функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, а заедно со мене оставка поднесуваат и двајцата заменици-министри, рече Аријанит Хоџа од Беса на денешната прес-конференција.
Тој истакна дека поднесувањето оставка во овој момент е висок морален чин, а како што додаде, неговата партија не може да се идентификува со партија како што е ДУИ, а која користи недемократски методи за задување на власт.
Во однос на пратеникот Кастриот Реџепи, којшто вчера не се појави на седницата на којашто требаше да се изгласа недоверба на актуелната влада, Хоџа рече дека никој од Беса немал контакт со пратеникот, па дека ќе почекаат да дојде понеделник кога Реџепи најави дека ќе ги образложи причините за таквата постапка.
– Очекуваме во понеделник да се појави пратеникот Кастриот Реџепи и да ги објасни своите постапки, а ако неговата одлука да не гласа за недоверба на владата била негова лична одлука, тоа значи дека одлуката не е во согласност со одлуката на Движењето Беса и ќе мора ние како партија да преземеме соодветни мерки. Тоа што е напишано како Фејсбук статус е неговата последна порака. Се надеваме дека господинот Реџепи е добро – рече Хоџа.
Хоџа истакна дека никој не можел да го предвиди тоа што вчера се случило во Собранието.
– Како што ќе течат работите, така ќе делува и нашата партија. Чекор по чекор. Сега никој не може да предвидува како понатаму. Тоа што вчера се случи не беше предвидено и тоа се случува само во холивудските филмови. За господинот Зоран Заев сме кажале дека го почитуваме, направил многу за евроинтеграциските процеси, но во моментов не е загрозен патот на државата кон ЕУ, туку е загрозена демократијата во државата. Главниот виновник е ДУИ и ДИУ треба да се реформира. Нашите потези и нашата ориентација кон ЕУ е многу јасна. Секој влез во влада заедно со ДУИ би било самоубиство за секоја политичка партија. Ние сме подале рака заеднички со Алијанса за Албанците и со Алтернатива да се споиме во еден блок и убедени сме дека народот веќе добро ги прочита делувањата на ДУИ – истакна Хоџа.