Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека ќе се зголемат платите во наредната година од седум до осум отсто во јавниот сектор, минималната плата ќе биде повисока за 9,4 отсто и пензиите за 5,5 отсто, пренесе Блиц.рс.
– Во Белград просечната плата ќе биде 760 евра, што не е многу, но не е малку, имајќи предвид дека беше 425 евра, а во Србија 329 евра – изјави Вучиќ.
Тој рече дека од растот зависи и растот на платите и растот на пензиите, а годинава Србија ќе има раст од 7,5 проценти од што е задоволен.
Вучиќ рече дека во разговорот со ММФ имало дилема, односно два избора.
– Едниот е да се направат предизборни зголемувања на се, за луѓето да сакаат да слушнат или да се оди на дополнително намалување на дефицитот и јавниот долг. Одлучивме следната година да завршиме со максимум 55 отсто од јавниот долг, што би не направило една од најорганизираните земји во Европа. Исто така, решивме да не си правиме премногу обврски што не можеме да ги исполниме – рече Вучиќ.
Вучиќ најави дека од понеделник ќе има исплата на 30 евра за пензионерите, а во вторник и среда исто така 30 евра за сите полнолетни граѓани кои се пријавиле за еднократна помош.