САМО 46 ОД 100 ВОЗРАСНИ ГРАЃАНИ СЕ РЕВАКЦИНИРАНИ Осум од десет од починатите биле невакцинирани

Во последните три месеци, 73 отсто од позитивните случаи на ковид-19 не биле вакцинирани. Тој процент кај хоспитализираните е 75, а кај починатите 82, покажа анализата на Министерството за здравство.

336

Помалку од половина од возрасните граѓани, односно 46 отсто, досега примиле две дози од вакцина против ковид-19, или во бројка, тоа се 774.464 лица, јавува Министерството за здравство. Ковид-бројките остануваат високи во земјава, а дури 82 отсто од починатите во изминатите три месеци не биле вакцинирани.

За вакцинирани, како што се посочува во соопштението, се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.






Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 75 отсто, додека само 25 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Некои од граѓаните се решаваат за трета бустер доза. Досега, трета доза примиле 27.298 граѓани.

Во последните три месеци, 73 отсто од позитивните случаи на ковид-19 не биле вакцинирани. Тој процент кај хоспитализираните е 75, а кај починатите 82, покажа анализата на Министерството за здравство.

фото: МИА

Вчера беа регистрирани нови 417 случаи на ковид-19 од 2.964 тестирања или 14 отсто, вкупно пријавени десет починати и 329 оздравени пациенти. Во моментот во државата има 6.576 активни случаи.

Вкупниот број на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата достигна 201.708 од направени 1.378.530 тестирања. Оздравени се 188.024 пациенти, починати 7.108.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6 август до завчера, на територија на државата од ковид-19 починале 1.592 пациенти. Од нив, 1310 пациенти или 82 отсто не биле вакцинирани, а само 18 отсто, односно 282 примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

Во периодот од 6 август до завчера, на територија на државата се потврдени 45.621 граѓанин позитивни ковид-19, од кои 12.375 лица или 27 отсто биле целосно вакцинирани. Според статистика за последните речиси три месеци, 33.246 граѓани, односно 73 отсто од позитивните на ковид-19, не биле вакцинирани, се наведува во анализата на вакцинирани од позитивните случаи со ковид-19, што вчера ја објави Министерството за здравство.

Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас. Секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, информираат од Министерството и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на САРС-КоВ-2.

Во текот на завчерашниот ден аплицирани се вкупно 4.797 дози вакцини, од кои 734 се аплицирани како прва доза, 876 се ревакцинирани, а 3.187 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 28 октомври вкупно се вакцинирани 804.151 граѓани, ревакцинирани се 774.464 а трета доза примиле 27.298 граѓани.

Педесет и четири отсто од граѓаните над 40 – годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина.

фото: МИА

Министерството за здравство вчера соопшти дека во текот на завчерашниот ден, граѓаните кои имаат генерирано ЕУ сертификат за вакцинација преку vakcinacija.mk, треба да генерираат нов преку веб-порталот. Станува збор за безбедносен протокол со што се спречи користење на лажни ЕУ сертификати, со лажни имиња и лажни податоци.

Сите земји што имплементирале EUDCC, како што се посочува, се соочуваат со постојани напади на нивните системи од трети, малициозни страни. Меѓу нив е и Република Северна Македонија.

Како дел од ваков напад на систем, завчера трети страни успеале да изгенерираат четири лажни ЕУ сертификати, со лажни имиња и лажни лични податоци, а на сертификатот пишувало дека истите примиле вакцина во Република Северна Македонија.

Со цел поништување на лажните сертификати и обезбедување на зголемена заштита, ЕУ сертификатите на граѓаните на Република Северна Македонија се одново генерирани. Секој граѓанин може на многу едноставен начин, за помалку од една минута, да го преземе својот личен ЕУ сертификат преку пристап на порталот vakcinacija.mk, посочуваат од Министерството за здравство.

Поврзани содржини