НОВ СКАНДАЛ ВО СТРУГА Алијанса за Албанците открива како општински пари завршувале во џебот на Мерко

Милиони евра од „Сити лајт“ се уплатени на приватната сметка на Армен Кадриу и на неговото семејство и на сметката на приватиот универзитет на Рамиз Мерко. Овие трансакции најдобро ја докажуваат поврзаноста на кланот Мерко-Кадриу со фирмата „Сити лајт“, рече Истрефи од Алијанса.

900

Алијанса за Албанците денеска ги обвини струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и неговиот соработник Армен Кадриу за изнуда и кражба на милиони евра од Буџетот на општина Струга.

– Ова манипулирање трае веќе неколку години преку една сомнителна концесија со многу законски прекршувања, склучена во вториот мандат на Мерко помеѓу општина Струга и приватната фирма за јавно осветлување „Сити лајт“. Оваа фирма за одржување на јавното осветлување добива милиони евра од Буџетот на Струга, од буџетот на нашите семејства. Многумина во Струга се сомневаат за вистинските сопственици на оваа фирма, а ние сме тука за да го докажеме тоа со факти. Милионите што општина Струга ѝ ги дава на оваа компанија одат директно во џебовите на Рамиз Мерко и на Армен Кадриу а за тоа сведочат десетиците банкарски трансакции кои што ние ги обезбедивме и кои ќе ги предадеме на сите медиуми во државата – рече Идри Истрефи од Алијанса за Албанците денеска на прес конференција.






Тие најавија дека ќе достават податоци за датумите, износот и субјектите на трансакциите, но не и оригиналните записи, бидејќи, како што велат, сакаат да ја осигураат безбедноста на изворот. За сите овие трансакции се известени Јавното обвинителство и Финансиската полиција, а за нивното нереагирање ќе треба сами да одговорат, додаваат од Алијанса.

– Милиони евра од „Сити лајт“ се уплатени на приватната сметка на Армен Кадриу и на неговото семејство и на сметката на приватиот универзитет на Рамиз Мерко. Овие трансакции најдобро ја докажуваат поврзаноста на кланот МеркоКадриу со фирмата „Сити лајт“, како и кражбата која секојдневно ни се случува. За да биде скандалот уште поголем, Владата на Северна Македонија во текот на овој мандат исплати 50 отсто од долговите на општините. На општина Струга ѝ беа доделени над 2 милиони евра, додека Мерко меѓу десетиците фирми ја избрал „Сити лајт“ за одеднаш да ѝ исплати над 1,2 милиони евра од тие средства. Причината веќе се знае – рече Истрефи.

Тој додаде дека стружани се сведоци на услугите на оваа компанија поради која, како што рече, цели улици и села во Струга секоја вечер се во темница и воопшто не се безбедни, вклучително и центарот на градот, Радолишта, Велешта, Октиси, Ливада, Ложани, Враништа, Мислешово и многу други улици за кои пријавиле граѓаните.

– Рамиз Мерко треба да одговара за овој криминал пред граѓаните на општина Струга. Ги повикувам надлежните институции да ја извршат нивната должност, а локалните медиуми ги охрабрувам дополнително да го истражат овој скандал. Подготвени сме да соработуваме со сите. На крај, го повторувам нашиот главен став: Пред секое од ветувањата во нашата Изборна програма, нашето ново владеење во општина Струга ќе започне со целосна ревизија на целата работа на Мерко. Ќе се обелоденат сите злоупотреби a сторителите ќе одговараат за секој залудно потрошен денар од Буџетот на стружани. Почитувани стружани, ова е криминалната власт на Рамиз Мерко од која само две семејства се збогатија, изградија милионски куќи, купија земја и големи богатства, се возат со автомобили вредни стотици илјади евра, додека на граѓаните и на младите стружани како единствено решение им ги оставија куферите и напуштањето на ова место. На 31 октомври завршува сè. Струга ќе дојде во сигурни раце и кај чисти луѓе – порача Истрефи.

Поврзани содржини