АКО НЕМА СТРУЈА, НЕМА НИ ГРЕЕЊЕ Што би било кога би имале рестрикции зимава?
Експерти, сепак, велат дека не е сѐ изгубено, дека има опциија за вклучување на комбинираната централа ТЕ-ТО во домашниот систем, но за тоа треба да се прогласи вонредна состојба.
Кризата со струјата и можните рестрикции ќе значат и криза во затоплувањето на граѓаните. Потстаниците за парно греење работат на електрична енергија и секоја рестрикција ќе значи дека граѓаните ќе мрзнат дома. Покрај тие кои се греат на парно, ќе мрзнат и тие кои имаат инвертери и печки на струја. Единствено граѓаните кои се греат на дрво, гас или нафта ќе се спасат од студот оваа зима ако дојде до рестрикции на струјата.
Од владата убедуваат дека засега не се планираат никакви рестрикции на струја посебно за домаќинствата. Оттаму велат дека нема да има повисока цена на струјата до Нова година, но не се сигурни за цената на овој енергенс потоа. Владата моментално не размислува да прогласи кризна состојба.
Експерти, пак, велат дека има уште опции за намалување на струјниот шок, но е потребно да се вклучат и приватните производители на струја. Како една од опциите ја посочуваат комбинираната централа ТЕ-ТО. За тоа, велат, ќе треба да се прогласи вонредна или кризна состојба.
Граѓаните веќе се збунети што ќе се случува зимава бидејќи на големо се зборува за рестрикции на електрична енергија и за повисока цена. Дел од нив, велат, ќе има бунт.
– Не ми се верува дека ќе мрзнеме годинава. Лани го заменив греењето од дрво на струја, бидејќи сите експерти велат дека со инвертер е подобро и најевтино греењето, но годинава ни најавуваат рестрикции. Како ќе се грееме? Страшно. Ќе треба повторно да купувам печка на дрва и дрва или ќе се топлиме на свеќи и импровизирани камини. Или не ни останува друго туку да се организираме и да кренеме бунт – вели Александар од Ѓорче Петров.
Вознемирени се и граѓаните кои се греат на парно. Околу една третина од домаќинствата, односно околу 55.000 во Скопје се приклучени на централно парно греење.
– Да не помислиле на рестрикции зимава, ќе изѕемнеме. Секое исклучување на струјата за нас ќе значи и исклучување на парното. Имаме мали деца, како ќе издржат тие неколку часа без греење. Тие неколку часа можат да бидат и цел ден во наши услови. Тогаш ќе излезе дека почесто се расипуваат пумпните станици со вклучи-исклучи. Што ќе правиме? Во зградата нема ниту оџак за да може да се грееме на дрва – вели Марија Т. од Карпош.
Маријан Ненов од иницијативата „Но пасаран“ вели дека владата може да избегне да се соочи со непопуларната мерка – рестрикција на струја и секако на греењето како резултат на тоа, и покрај тоа што веќе е соочена со проблеми во производството и испораката на овој енергенс.
– Има решение и се наоѓа во Скопје. Тоа е комбинираната централа ТЕ-ТО. Да, тоа е приватна компанија која е најголем извозник на струја во земјава и најголем потрошувач на гас, но има снага од 220 мегавати колку два блока на ТЕЦ Битола. Тоа би значело дополнителен придонес во системот на снабдување со струја. Само владата треба да прогласи вонредна состојба поради кризата со струјата и да ја вклучи во системот. Се разбира на ТЕ-ТО ќе треба да ѝ се плати струјата по пазарна цена – вели Ненов.
И тој како и граѓаните вели дека рестрикциите на струја ќе значат и рестрикции со снабдување со топлина за граѓаните и оние кои се топлат на парно и тие на струја.
– Потстаниците за парно работат на струја, па нивното исклучување ќе значи и исклучување на парното. Истото ќе се случи и со граѓаните кои се греат на струја со инвертер или со печки. Единствено добро ќе поминат граѓаните кои се греат на гас нафта или дрва – додава тој.
Според него, само градовите кои успеаја да се приклучат на гас сега ќе можат да се надеваат дека нивните граѓани ќе можат да ја поминат зимата побезболно. Оттука се наметнува прашањето дали со тоа што не се гасифицира Скопје се штитеа интересите на компаниите кои се занимаваат со парното во Скопје?, прашува Ненов.
Најверојатно, додава тој, на енергетската мафија во земјава ѝ користат ваквите кризи и сега ги трие рацете дека ќе профитира од сево ова.
– На граѓаните не им останува ништо освен бунт за да не се воведат рестрикции, што ќе биде опомена и за наводно задреманите функционери во власта да преземат активности да не се случат рестрикции – вели Ненов.
Владата убедува дека не планира рестрикции на струја иако директорот на МЕПСО Куштрим Рамадани алармантно најави дека се потребни рестрикции.
Денеска, пак, министерот за економија Крешник Бектеши рече дека моментално нема потреба да се прогласи кризна состојба во делот на енергетиката. Тој нагласи дека до крајот на годината нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата.
– Големи ценовни шокови нема да има и за тоа сум убеден. Ќе интервенираме секаде каде што треба за да нема такви ценовни шокови. Не верувам дека ќе се доведеме во таква ситуација во јануари – рече Бектеши.
Тој додаде дека отсега никој не може да гарантира дали ќе има зголемување на цената по Нова година, бидејќи се работи за светска криза која се рефлектира и врз нашата електроенергетска мрежа.
Директорот на РЕК Битола Васко Ковачевски, исто така тврди дека за домаќинствата е озбебедена струја, и дека ако има потреба од рестрикции ќе се интервенира прво кај јавното осветлување.