КОЛКУ Е ИСПЛАТЛИВО ДА СЕ БИДЕ ПОСРЕДНИК ПРИ ОСИГУРУВАЊЕ? Осигурителните компании платиле 10,2 милиони евра провизии за 6 месеци

За 6 месеци од годината посредниците во осигурување склучиле над 370.000 договори за осигурување.

1,030

Осигуреници вложиле 81,2 милилиони евра во осигурување за половина година. Од тоа  42 милиони евра се вложени во полиси директно купени од осигурителните друштва и уште 39,2 милиони евра преку посредници во осигурувањето. Во овој период преку посредници во осигурување се склучени над 370.000 договори за осигурување, покажуваат податоците на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) за периодот јануари – јуни годинава за неживотно осигурување.

Во структурата на посредничка продажба на осигурителни продукти најголемо учество имаат осигурително-брокерските друштва. Тие согласно законската регулатива работат во корист на осигурениците односно ги снимаат ризиците и врз основа на тоа да ги дизајнираат полисите, а воедно во случај на штети ги застапуваат нивните интереси пред осигурителните компании.






За шест месеци преку овие друштва осигуреници (физички и правни лица) вложиле 24,4 милиони евра во различни осигурителни производи. Од тоа најголеми се вложувањата во полиси за законски задолжителната автомобилска одговорност. Тие изнесуваат 16,3 милиони евра. Во осигурување имот вложиле уште 12 милиони евра. За своите услуги 40 осигурителните брокерски друштва наплатиле 6,48 милиони евра провизија од осигурителните компании.

Друштвата за застапување во осигурување (компании кои можат да нудат полиси и од повеќе осигурителни компании само доколку тие осигурителни продукти не си конкурираат меѓусебно) за првите шест месеци продале полиси во вкупна вредност од 4,1 милиони евра. За своите услуги од осигурителните друштва наплатиле провизии во вкупна вредност од 1,1 милион евра).

На осигурителниот пазар работат 12 компании лиценцирани за застапување во осигурување.

Повеќе од 1.300 физички лица – лиценцирани застапници во осигурувањето во првата половина од годинава продале полиси во вредност од  8,7 милиони евра. Застапниците за таа услуга како провизија наплатиле 2,06 милиони евра од осигурителните компании чии полиси продавале.

Во овој период во нивната понуда доминира продажбата на задолжителните полиси за автомобилска одговорност со износ од 6,5 милиони евра односно 75 отсто од целата продажба на полиси преку овој канал за продажба.

Банките се јавуваат како посредници во продажбата на осигурителни продукти на нивни клиенти – кредитобаратели. Во првата половина на годинава банките продале осигурителни полиси во вредност од 1,63 милиони евра.

Во таа продажба најголемо учество имаат полиси за осигурување имот кои се поврзани со станбените кредити и тие изнесуваат 1 милион евра. Банките од друштвата за неживотно осигурување за првата половина од годинава наплатиле провизии во вкупен износ од 471.000 евра.

Како посредници во купопродажба на осигурителни продукти на пазарот учествуваат и салоните за автомобили и туристичките агенции. Преку салоните за продажба автомобили во овој период се продадени полиси за осигурување во вредност од 98.000 евра, а преку туристичките агенции продажбата за овој период изнесува 57.000 евра.

 

Поврзани содржини