Медиумите рокаат туѓа музика, мафијата работи, државата без стратегија
„Македонската естрада е исчезната. Нема веќе ниту еден респектабилен фестивал каде што познати и помалку познати пејачи достојно би се претставиле. Она што остана од фестивалите се приватни гранапчиња на неколкумина, кои јас ги нарекувам музичка мафија во Македонија“, вели популарната глумица и пејачка Ана Костовска.
Туѓа музика од регионот, туѓи емисии и забавни шоуа купуваат и упорно ни сервираат телевизиите и радијата, затоа што им е поевтино, а државата не реагира, ниту има каква било стратегија за да ја одржи македонската естрада во живот. Најголеми жртви на оваа баналност се публиката и самите музичари, а на крајот и македонскиот културен и естраден идентитет. Македонската поп и забавна продукција останува незабележана покрај турбофолкот и шундот од регионот, иако имаме исклучително талентирани пејачи и пејачки.
Плусинфо разговараше со неколку имиња од домашната индустрија, за да осознае каде исчезна онаа блескава поп-естрада од крајот на минатиот век, хитовите на Скопскиот фестивал и на Макфест, македонските имиња од кои некои доживеаја и интернационална промоција.
Македонската музика протерана во „ситните саати“
Буквално сите соговорници, речиси во еден глас, велат дека понижувачкиот однос на медиумите во спрега со политиката во Македонија, кој резултира со тоа во прајм-тајм периодот од 18 до 23 часот да не можеме да слушнеме и да видиме речиси нешто домашно, го нема во ниту една соседна земја, кои имаат богати продукции затоа што умеат да си го тераат „своето“.

– Вистина е дека македонската естрада е исчезната. Нема веќе ниту еден респектабилен фестивал каде што познати и помалку познати пејачи достојно би се претставиле. Она што остана од фестивалите се приватни гранапчиња на неколкумина, кои јас ги нарекувам музичка мафија во Македонија – вели популарната глумица и пејачка Ана Костовска, која во моментов е на снимање на новиот филм на Теона Митевска во Белград.
Можеби најгорлив проблем се програмите на телевизиите, но и на радијата, каде што тешко се пробива било што македонско, велат нашите соговорници.
– Нема издавачи. Не се купува це-де. Пуштете радио, во 24 часа нема ниту еден час македонска музика. Тоа мора системски да се реши. Мора во приватните радија да има некој што ги познава работите – вели Григор Копров, еден од најпроминентните македонски композитори.
Познатиот композитор и долгогодишен продуцент Александар Масевски открива како радијата прават „финта“ за да ги исполнат „квотите“ и домашна музика пуштаат само од полноќ до рано наутро, додека во меѓувреме преовладуваат шунд и странска музика.
– Јас лично не слушам многу радио, немам баш време за тоа, но од она што го слушам кога возам автомобил, знам дека на некои радиофреквенции одвреме-навреме се пушта македонска музика во текот на денот, но најчесто можете да ја слушнете од полноќ до раните утрински часови. Тоа е, всушност, генералната слика што ја имаат и моите колеги на оваа тема. Се надевам и сакам да верувам дека има радиостаници низ Македонија кои тоа го прават малку поинтензивно во сите периоди од денот – вели Масевски.
Според него, за ова да се смени, мора да реагира државата, бидејќи ЗАМП не може да влијае на уредувачката политика на радијата и на телевизиите.
– Во условите кои нè опкружуваат, сметам дека ЗАМП работи на најдобар можен начин, правејќи прогрес и од аспект на новата технологија која ќе овозможи уште поефикасно работење и ќе ја унапреди самата организација. ЗАМП ги штити авторските права не само на македонските автори туку и на авторите од целиот свет. И само колку за појаснување, нема никакво влијание на изборот на песни што се пуштат на радиостаниците. Изборот се базира само на програмската и на уредничката политика во самите радија – истакнува Масевски.
Кога последен пат сте виделе македонски видео-спот на телевизија?
И додека радијата ја „кријат под тепих“ домашната музика, телевизиите, со мали исклучоци, веќе одамна се откажаа од топ-10 листите и какви било други емисии за промоција на македонската музичка продукција.
– Денес, дури и да сакаш да промовираш некој млад пејач, немаш начин како да го направиш тоа. На која телевизија има македонски спотови? Каде има емисија со топ-10 хитови? За една песна да стане хит, мора да биде слушната. Еве, сега ќе дојдат и „Макфест“ и други фестивали, но јас не знам дали ќе имаме прилика да слушнеме нешто од сето тоа – вели Копров.
Со идентичен став е и Васко Спасоски, менаџер на пејачот Влатко Лозаноски. Според него, предност без исклучок имаат ѕвездите од регионот.
– Дали се доволно застапени нашите пејачи во медиумите? Нормално дека не се. Да не зборуваме за телевизиите. Кажете ми кога последен пат сте погледнале македонски видео-спот на телевизија? Јас искрено не можам да се сетам. Слично е и со електронските медиуми. Тие би дале предност на новите гради на Цеца, отколку да објават соопштение дека Антониа Гиговска, на пример, снимила нов спот – вели Спасоски.
Понижувањето е толку големо, што нашите пејачи гостуваат главно по утрински емисии.
– Кој е крив? Па, политиката. Политичарите се главните ѕвезди, за жал. Која и телевизија да пуштите, само тие се таму, од утро до ноќ. Нема музички телевизии, нема емисии, нема ништо. За да ги промовираат своите песни, пејачите мора да одат по утрински емисии. Не е ли тоа тажно? – прашува Спасоски.
(Утре: Прајм-тајмот резервиран за политичари, за турски серии и за турбофолк „богови“)