АПСЕЊЕ ПРЕД ДЕНОТ НА ИЗБОРИТЕ ВО ГРУЗИЈА Саакашвили во затворот почна штрајк со глад
Апсењето се случи 18 часа откако поранешниот грузиски претседател, кој беше прогласен за виновен во отсуство и кој живееше во Украина во последните осум години, објави на Фејсбук дека се враќа во Грузија.
Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, кој беше уапсен вчера попладне при влегување во земјата првпат по осум години, почна штрајк со глад и побара да се сретне со украинскиот конзул, јави грузискиот правобранител Нино Ломџарија. Апсењето се случи само еден ден пред одржувањето на денешните локални избори.
Би-Би-Си потсетува дека прозападниот опозиционер ја предводеше револуцијата во Грузија во 2003 година, а на власт беше 2004 до 2013 година. Подоцна беше обвинет за наводна злоупотреба на службената положба и прикривање – обвинувања за кои рече дека се политички мотивирани.
Апсењето се случи 18 часа откако Саакашвили, кој беше прогласен за виновен во отсуство и кој живееше во Украина во последните осум години, објави на Фејсбук дека се враќа во Грузија.
Инаку, Саакашвили вчера изутрина соопшти дека пристигнал во својата татковина по осумгодишно отсуство.
„Добро утро, Грузија. Веќе сум во Грузија по осум години “, напиша тој на својата страница на Фејсбук.
Политичарот објави и видео со кое потврдува дека пристигнал во Батуми.
„Ова е мојот Батуми. Ова требаше да биде мојот американски технолошки универзитет Батуми, кој го уништија. Можевме да имаме вакцина денес, а ковидот немаше да убие толку многу луѓе. Многу ми недостасуваа овие места. Мојот сон се оствари денеска“, напиша тој.
Потсетувајќи дека во сабота, 2 октомври, во земјата се одржуваат локални избори, Саакашвили ги повика граѓаните да излезат на избори и да ги „заштитат“ своите гласови.
Претседателот на владејачката партија „Грузиски сон-Демократска Грузија“, Иракли Кобахиѕе, исто така рече дека Саакашвили не е во земјата. Кобахиѕе го нарече поранешниот шеф на државата „кловн“ и рече дека навистина би сакал тој да се врати во Грузија.
И покрај тоа што беше во странство осум години, поранешниот претседател се уште се смета за водечка опозициска фигура и ги повика поддржувачите на митинг во главниот град Тбилиси оваа недела, наведува Би-Би-Си.