УРБАНИСТИЧКОТО ПЛАНИРАЊЕ И КУЧИЊАТА-СКИТНИЦИ ИМ БОДАТ ОЧИ Анкетата на „Рејтинг“ покажува дека скопјани генерално се задоволни од состојбата на градот (ФОТО)
На прашањето „Дали работите во Град Скопје се движат во правилна или во погрешна насока?“ најголем процент од анкетираните односно 43,5 отсто од испитаниците рекле дека работите се движат во правилна насока, 38,2 отсто во погрешна, 13,5 отсто ниту во правилна ниту во погрешна насока, додека 4,8 отсто не дале одговор.
Во рамки на редовните истражувања за потребите на Град Скопје, Агенција „Рејтинг“ спроведе анкета за задоволството на граѓаните од работата на градската власт. Во рамки на истражувањето се мереше довербата на граѓаните во локалната власт на Град Скопје, клучните проблеми со кои се соочуваат граѓаните, степенот на доверба во институцијата и градоначалникот, како и оценката за работата во поединечни области од ингеренција на градот. Истражувањето е спроведено по пат на телефонско интервју на репрезентативен примерок од 1.200 испитаници во периодот од 10 до 15 септември.
Првото прашање се однесува на степенот на задоволство на граѓаните од насоката во која се движат работите во Град Скопје.
На прашањето „Дали работите во Град Скопје се движат во правилна или во погрешна насока?“ најголем процент од анкетираните односно 43,5 отсто од испитаниците рекле дека работите се движат во правилна насока, 38,2 отсто во погрешна, 13,5 отсто ниту во правилна ниту во погрешна насока, додека 4,8 отсто не дале одговор.
Во локалната власт на Град Скопје имаат доверба 45,7 отсто од анкетираните или речиси половината кои биле анектирани. На прашањето „Дали во локалната власт во Град Скопје имате доверба?, целосно или главно имаат доверба 45,7 отсто од анкетираните, ниту имаат ниту немаат доверба 17,2 отсто, а главно немаат или воопшто немаат доверба 33,2 отсто. Останатите 3,9 отсто не дале конкретен одговор или одбиле да одговорат.
Многу слични се резултатите и со задволството од работењето на градоначалникот Петре Шилегов. Имено, на прашањето „Колку сте задоволни од работата на градоначалникот Петре Шилегов?“, 46,3 отсто од анкетираните рекле дека се целосно или главно задоволни од неговата работа, 19,5 отсто рекле дека ниту се ниту не се задоволни, додека 29,7 отсто рекле дека се главно или целосно незадоволни. Преостанатите 4,5 отсто не дале одговор на ова прашање.
Граѓаните на Скопје како најголем проблем го посочуваат урбанистичкото планирање и уредување на градот, односно на прашањето „Кој е најголем проблем со кој се соочува градот?“, 19,2 отсто го посочиле како прв проблем. Следува одржување на комуналната хигиена со 11,3 отсто, инфраструктурата со 11,5 отсто и проблемот со уличните кучиња кој како главен проблем го посочиле 8 отсто од анкетираните.
Како најголем успех, пак, на градот во изминатите четири години анкетираните го сметаат вложувањето во инфраструктурата, реконструкцијата на улиците и булеварите, како и градбата на новите мостови. Високи 29,7 отсто од граѓаните ова го посочиле како најголем успех на Град Скопје, а следува подобрувањето на парковите и ново зеленило со 10,5 отсто, набавката на нови Еко автобуси за кое 9,3 отсто рекле дека е најуспешен проект на градот. Високо рангирани на листата се и изградбата на нови вело-патеки, уредувањето на кејот на Вардар, реконструкцијата на Универзална сала и вложувањата во Зоолошката градина и Дино паркот.
Со оглед на тоа дека завршуваат четири години од мандатот на актуелната локална власт во Град Скопје, додаваат од Агенцијата „Рејтинг“, се мереше и перцепцијата за тоа дали општата состојба во градот е подобрена во последните четири години. Па така, со ставот: „Состојбата во Град Скопје во последните четири години е подобрена“, целосно или главно се согласуваат 52,5 отсто од анкетираните, ниту се согласуваат ниту не се согласуваат 16,1 отсто, додека воопшто не се согласуваат или главно не се согласуваат 27,4 отсто, останатите не дале одговор односно не можеле да оценат.