ОПОЗИЦИЈАТА ГИ ПОТЦЕНУВА СКОПЈАНИ Зошто Данела Арсовска се срами да каже дека е од ВМРО-ДПМНЕ, прашува Шилегов
Жал ми е што ВМРО-ДПМНЕ ги потценува скопјани. Тие креираа девијации и свесни се дека не можат да излезат пред граѓаните со личен кандидат, рече актуелниот скопски градоначалник.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на денешна прес-конференција говореше за неговите противкандидати за претстојните локални избори во октомври.
Тој упати критики кон опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која на претстојните локални избори ѝ ја вети поддршката на независната кандидатка Данела Арсовска.
– Жал ми е што ВМРО-ДПМНЕ ги потценува скопјани. Тие креираа девијации и свесни се дека не можат да излезат пред граѓаните со личен кандидат. Зошто Арсовска се срами да каже дека е од ВМРО-ДПМНЕ? Таквата злоупотреба на независните кандидати може да го девастира општеството – рече Шилегов.
Арсовска, пак, вчера преку Фејсбук соопшти дека никогаш не била член на ниту една политичка партија и повтори дека е натпартиски независен кандидат, односно кандидат на скопјани.