ПРЕДИЗБОРНИ ЗАКАЧКИ Заев му замерува на Мицкоски за едностраност
Една од причините поради која ќе победуваме доста долго како коалиција, а тие ќе губат е токму тој национализам којшто го имаат во една мултиетничка земја.
Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев денеска му порача на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски дека доколку сака поддршка од сите граѓани треба да се обрати до сите заедници, а не само кон една.
Заев ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање за можната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива.
– Да продолжиме сите да се враќаме кон граѓаните, се надевам и тој, еднакво за сите. Кога тоа господин Мицкоски ќе го прави и ќе настапува во една мултиетничка и мултирелигиска држава тогаш може да очекува поддршка од сите подеднакво. Кога се обраќате само кон една заедница, тогаш може да очекувате поддршка само од таа заедница. Еве изборите се пред нас и јас уште еднаш само ќе потврдам дека причините за кои кажувам ќе победуваме доста долго како коалиција, а тие ќе губат е токму тој национализам којшто го имаат во една мултиетничка земја. Навистина тоа ќе биде причина за следниот пораз на ВМРО-ДПМНЕ. Но секако опозицијата е опозиција, одговорноста е кај владејачките партии, доминантно – изјави Заев во Јегуновце каде што заедно со министерката за образование и наука Мила Царовска и градоначалникот Дарко Блажески присуствуваа на пуштање во употреба на спортската сала во ООУ „Александар Здравковски“.
СДСМ на крајот на оваа или на почетокот на следната недела ќе објави нови кандидати за градоначалници. Одлуките ќе бидат донесени најдоцна до вторник 24 август.