СТЕ СЛУШНАЛЕ ЛИ ЗА ПЛОГИНГ? За разлика од Шведска, Македонија идеална локација – ѓубре колку сакаш!
Со половина час џогирање и собирање ѓубре, кај просечниот човек се согоруваат 288 калории, додека само со џогирање се трошат 235 калории. Не е ли време за организирани плогинг-тури, да ги искористиме „убавините“ на нашата земја за развој на туризмот!
Плогирањето е популарна еко-активност која потекнува од Шведска. Четврта година по ред таа е на првото место на скалата на CCPI (Climate Change Performance Index), како земја со највисока свест за животната средина и климатските промени.
Плогингот (plogging) како иницијатива за прв пат се појави во Шведска во 2016 година. Зборот е кованица од англискиот збор jogging и од шведскиот збор plock upp, што во превод значи „да се подигне“. Станува збор за ефикасна фитнес-активност, бидејќи покрај стандардната физичка рекреација, помага да се зачува и животната средина.
Со еден збор, џогирате и собирате ѓубре!
Трчај, наведни се и собери ѓубре!
Основач на плогингот е извесен Ерик Алстром, а вредноста на неговата идеја беше верификувана и со меѓународната награда „Кристален компас“, која се доделува за извонредни достигнувања и оригинални проекти насочени кон зачувување на природното, историското и културното наследство. Оваа награда се нарекува и „географски Оскар“, а нејзиното мото е „Зачувај ја иднината!“
По Шведска, овој тренд го зафати и остатокот од светот. Кај нас, првиот организиран „плогинг“ по кејот во Скопје го организираа пред речиси 3 години вработените во хотелот „Мериот“, во соработка со амбасадата на Шведска во Македонија.
Имено, плогирањето главно се организира претходно, се собираат голем број луѓе кои сакаат да направат нешто добро за себе, но и за Земјата.
Шведска во криза – им фали ѓубре за плогинг
Во прилог на оваа активност одат и пресметките на фитнес експертите, според кои со половина час џогирање и собирање ѓубре кај просечниот човек се согоруваат 288 калории, додека само со џогирање се трошат 235 калории. Освен што се трошат повеќе калории отколку со класичното џогирање, бидејќи повремено се наведнувате за да го соберете ѓубрето, со плогингот имате дополнителна мотивација – да ѝ помогнете на планетата да се исчисти од ѓубре.
Од Шведска оваа иницијатива последниве години масовно се шири насекаде во светот, поради зголемената загриженост за загадувањето на природата со пластичен отпад и денес веќе насекаде можат да се сретнат луѓе кои џогираат и со себе носат ќеси и собираат пластични шишиња и други отпадоци.
Нам, очигледно, не ни недостасуваат терени за оваа активност па можеби е време да почнеме да организираме и помасовни туристички плогинг-тури, со оглед на тоа што Швеѓаните кои го измислија плогингот, не можат да се пофалат со некој голем материјал (читајте: ѓубре) за собирање при плогинг.
Да ги искористиме убавините на нашата земја за развој на туризмот!
Фото: Фејсбук на „Сметлана“